Она што требаше да биде најсреќен ден во животот на Мите Кадиев од Дојран се претвори во вистинска семејна трагедија. Синоќа неговата 32-годишна сопруга Маја требало да ја донесе на свет нивната втора ќерка, но и таа и нероденото бебе починале во болницата во Гевгелија. Кадиев со солзи во очите раскажува дека во текот на бременоста немало никакви компликации, а гинекологот му рекол дека породувањето со „царски рез“ ќе заврши за еден час. Сепак, по 45 минути го известил дека се принудени да ја прекинат операцијата затоа што, како што подоцна разбрал, анестезиологот бил во алкохолизирана состојба, раскажува за Телма сопругот Мите
– Слушнав дека гинекологот зборува на телефон, како што рече тој, со директорот на болницата и му рече „Дојдете да видите во каква состојба ви е персоналот“. Пред да се јави ми кажа дека не може да ја направи операцијата додека анестезиологот е во таква состојба. Два пати пробувал да и стави тубус и не можел да го стави. Општо е познато, а и полицајците кажаа дека тој анестезиолог, а и другиот, кој не знам дали беше таму, постојано се пијани. Затоа и доцнеше операцијата еден час, вели Кадиев за Телма.
Потоа ситуацијата се искомплицирала. Кадиев забележал дека целиот персонал во болницата се растрчал, а половина час подоцна ја добил лошата вест.
– Некаде околу 12 часот на полноќ ми кажаа дека бебето не преживеало. Единствената жица што ми понима низ главата беше да остане жената, да не останам сам. После половина час ми кажаа дека и сопругата починала, рече Кадиев за Телма.
Кој е виновникот? Дали мораше ова да се случи? Ова се прашањата кои го мачеа Кадиев додека утринава пред Институтот за судска медицина во Скопје чекаше да биде извршена обдукцијата врз телото на починатата сопруга.
Видео сторијата на Телма.мк