Кај и да си пред Божиќ, зад Божиќ, дома да си!


Во предвечерието на Бадник, во сите краишта во Македонија, групи на луѓе палат огнови и пеат песни – обичај познат како Коледица или Коледе.
Рано наутро, на Бадник, децата одат по куќи и пеат разни песни пред домаќините. Тие ги симболизираат ангелите, а пеењето по куќи значи дека веста за Христовото раѓање ќе се прошири насекаде.

bozikjСемејството на Бадник се собира на заедничка вечера и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза. Домаќините се трудат да принесат од се по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година. Се меси погача, а во некои места се прават зелници во кои се става паричка.

Се верува дека оној кај кого ќе падне паричката ќе го следи среќа во текот на целата година. Пред почнувањето на вечерата на која сите се собрани, домаќинот ја благословува трпезата, го крши кравајчето, а некаде го дели зелникот, на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и дел за куќата.

Исто така, вечерта во огнот се става бадниково гранче кое се смета за најздраво дрво, за да бидат здрави сите во семејството.

На Божиќ, рано утрото почнува богослужба во црквите. Се шири радосната вест: Христос се роди! На тој голем празник луѓето најпрвин одат в црква, се причестуваат, а потоа се подготвуваат за свечениот божиќен ручек на кој се сервира печено месо, вино и други работи. Пред започнувањето на свечениот ручек членовите на семејството ја кажуваат божиќната молитва пред домашната икона, која на крајот ја завршуваат со зборовите: Христос се роди! Вистина се роди! Искараните треба да се помират и да се поканат меѓу себе на гости.

Исто така, со Божиќ е поврзана и поговорката, Пред Божиќ, зад Божиќ дома да сии, што има значење дека за време на големиот празник треба да се биде дома во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на спасителот.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1