Односот во кој некој е победник, а некој губитник никогаш не е одржлив на долги патеки. Мирот не може да се одржи на разнишана и лажна основа.
За ваквата состојба хумористот Кин Хабард рекол: „Никој никогаш не заборава каде ја закопал воената секира“.Како да излезете на крај со луѓето кои сакаат да истераат правда до крај, со оние за кои велат дека се „тешки луѓе“, а чиј бес поттикнува две основни работи – страв и потреба за контрола.
1. Не ги примајте лично навредите и нападите
Како што поголемиот број животни напаѓаат во самоодбрана поради глад или други биолошки потреби, и човечкиот бес потекнува од одредени цели. Поголемиот број, па дури и оние најнасилните, не одат наоколу цел ден напаѓајќи ги и малтретирајќи ги останатите. Тие на моменти „фрлаат оган“.
Зад својата агресивност луѓето кои влеваат страв всушност чувствуваат страв, можеби не од вас лично но од нешто или од некој сигурно. Својот бес ќего истурат врз вас само ако некоја ваша постапка одигра улога на фитил на некои непријатни емоции кои тие ги чувствуваат.
И покрај тоа што нивниот излив на бес може да биде насочен кон вас, зад тоа стои нешто во нивната личност како воспитување и поранешно искуство. Многу од нивните критики се основаат на субјективно мислење и многу малку или воопшто немаат никаква врска со вас.
2. Избегнувајте борба на егото и враќање во минатото
Кога зборуваме за агресивност, би напоменале дека постои разлика помеѓу човекот и помалку развиените цицачи, а тоа е егото.
Некои луѓе се подготвени да го стават својот живот на коцка и да ги повредат другите физички или емотивно само за да го заштитат своето его и да го повратат разнишаното самопочитување. Преголемото т.е. „најнадуваното его“ е најранливо и на најмали нешта, па како балон пука и при најмали „боцкања“.
Запомнете дека лузните на егото настанале во минатото. Поради тоа „тешките“ луѓе во текот на расправијата се фокусираат на минатото. Тогаш по секоја цена пробајте да не ги следите по тој пат. Оставете ги да го одржат својот монолог. Избегнувајте дискусија за тоа што кој направил, кога и зошто, и често поставувајте го прашањето кој е неговиот предлог да се реши проблемот.
Имајте го на ум и фактот дека оние кои лесно пламнуваат имаат и менталитет на жртва. Тие имаат постојано чувство дека светот нешто им должи и дека луѓето околу нив мораат да ги исполнат нивните очекувања и желби. Тоа што тие го изговараат речиси никогаш не е основано на факти туку на емоции и се однесува на нивните стравови, фрустрации и повредено его. Речиси секој обид за разговор со нив е безуспешен бидејќи леснораздразливите луѓе се слушаат само себе.
3. Сочувајте ја смиреноста и здравиот разум
Бесниот човек бара кавга. Кога ќе тргнат кон вас очекуваат да се браните. Ерик Хофер рекол „Грубоста е имитација на сила на слабиот човек“. Што е потребно кога ќе се најдете на патот на оној чија крв му удрила во глава? – Потребна е ладна глава.
Ако го подигне тонот и вика на вас, вие стишете го својот глас и зборувајте полека. Ако премногу ви се доближи направете еден чекор назад. Кога од нив ќе почнат да летаат погрдни зборови вие само замолчете. Некои луѓе реагираат така што тргнуваат да им одговорат мислејќи дека доколку ги игнорираат ќе изгледаат слаби и победени, а тоа е спротивно од тоа што всушност се случува. Вие победувате така што не учествувате во расправата. Станете недопирливи и стекнете контрола ширејќи емоционален и физички простор.
Имајте на ум дека нивната основна одбрана е одрекувањето. Доколку им кажете дека ве плаши кога викаат тој ќе ви одговори дека вие сте тие кои викаат. Ако пак им кажете дека ве навредуваат неговите зборови ќе ви одговори дека вие сте му кажале десет пати полоши работи. Па како тогаш да разговарате со нив кога ќе им дојде „жолтата минута“?
Краткиот одговор гласи „никако“, а подолгиот „никако и немојте ни да се трудите“.
4. Понудете имагинарно парче торта
Убаво украсена торта кај секого предизвикува убаво чувство и насмевка. Зајадливите луѓе често посакуваат некое замислено парче колач. Голем дел од нивните незадоволства е предизвикан од нивното верување или чувство дека никогаш не добиваат или дека постојано некој им го зема нивниот дел од колачот. Затоа галантно понудете им големо парче дури и тогаш кога не заслужиле.
Спротивно на недоличното однесување, зголемениот тон, викањето, удирањето со тупаница по масата, поголемиот број на зајадливи луѓе испраќаат тажа порака. Во поголемиот број на случаи се обидуваат да ви кажат дека се повредени, запоставени, недоволно почитувани и несакани.
Доколку ги сослушате и на нивните потреби одговорите мирно и стрпливо тоа може да е клучот за подобра соработка со емотивно проблематичните луѓе. Речете му само „Мислам дека разбирам што се случува овде, но слободно исправи ме доколку грешам“ или нешто слично во овој стил.
Понудете му го вашето внимание и разговарајте за неговата загриженост и за конкретниот проблем, но сето тоа до одредени граници. Кажете му нешто пријатно и смирувачко. Согласете се со некоја нивна теорија. Не зборувајте за ничија вина. Воспоставете темел на помирување, насочувајќи се како негова внатрешна, сокриена, здрава страна на личноста.