Како и ЗОШТО почина 12 годишното девојче на инфективна – Исповед на таткото


Вистинска приказна за мојата 12-годишна ќерка Анамарија која само по неколку часа во болница стана Ангел. Настанот се случува вечерта меѓу 28-29 јануари 2015 на Клиниката за инфективни болести – Скопје.

Нема зборови со кои би се опишале болката, тагата и се она што доживува еден родител кога ќе се соочи со најстрашната работа на светот – загубата на најмилото. Нема зборови со кои би се опишал шокот кога ќе ви соопштат дека детето ви починало само за неколку часа откако за првпат сте го однеле да прими инфузија. Пострашно и од најстрашното, тешко да дојдете при себе. Замислете имате прекрасно, здраво дете кое во животот само неколку пати било настинато, кое освен кај матичниот нема отидено кај друг доктор, дете чија здравствена книшка е речиси празна, само неколку рецепти за антибиотик и тоа е се. Имате дете кое во последните пет години воопшто немало потреба од доктор и потоа од обична вироза, само за неколку часа и тоа не во некоја рурална амбуланта, туку во една врвна здравствена институција „Универзитетска клиника“ му се случува смрт. Вистински  шок за нас, но и за сите оние кои ја слушнаа нашата трагедија.

anam
Со оглед дека во изминативе десеттина месеци немавме сила да им одговорме на сите кои сочувствуваа со нашата болка, за тоа што навистина ни се случуваше на тој кобен 29-ти јануари и како нашето исклучително здраво девојче не излезе од Клиника ја пишувам ова хронологија.

Среда, 28 јануари: Беше околу 20.30. Ме разбуди жена ми, ми вели да му се јавам на матичниот доктор на Анамарија. Станав како од бунило, бев настинат (исто како и Анамарија ) ама малку се почуствував подобро. Бидејќи сите бевме поднастинати кај нас беа и бабата и дедото кои ни правеа чаеви и сокови и ги негуваа децата. Памтам беше при крај натпреварот во ракомет Хрватска-Полска, водеше Хрватска 22:21 на големо мое задоволство. Дедото само што кажа многу добро играат Хрватите и се се сврти во малер. Изгуби Хрватска.

Ја пипнав Анамарија за чело – немаше тепература. Нозете и беа многу ладни. Часот врвеше кон 21. Му ѕвонев на докторот, го најдов во ординацијата. Му кажав дека Анамарија не е баш добра и ако може да помине дома кај нас. Тој се согласи, но малку подоцна ќе дошол имал нешто работа. Во муабетот му се вмеша женски глас, најверојатно докторка го советуваша да одиме во поликлиника „Јане Сандански“, имало дежурен лекар.

И така тргна…

Анамарија иако беше истоштена самата се подготви (се облече, ја собра косата) и отидовме на дежурен. Во поликлиниката Анамарија влезе на нозе, ја придржуваме малку јас и мајка и. Дежурниот доктор, како писар, прашуваше и запишуваше за симптомите, што сме и дале. Му кажавме дека претходниот ден (вторник, 27 јануари) ја однесовме на доктор. Ништо не и препиша, немаше наод ни на грло ни на гради, ни рече да зема повеќе Ц витамин, најдобро на природен начин со сокови од лимон и портокал и хербион сируп.

Го прашав дали можат да и дадат инфузија бидејќи Анамарија беше исцрпена. Рече дека немаат инфузија тука. Не и направија ни крвна слика, апаратот нешто не бил во функција. Тогаш отиде да го земе апаратот за мерење притисок, почна да и мери притисок и брзо се откажа бидејќи рече дека не му работи и дека немаат апарат за мерење притисок на деца. Потоа како сообраќаец не упати во државна болница, во дилема дали на детска клиника или на инфективно. Рече исто е. Не знам што запиша во упатот. Ние сакавме да си одиме и во домашни услови да ја рехидрираме меѓутоа тој не разубеди со зборовите: вие сте градски луѓе, треба да ја искористите можноста што болницата ви е на 20 минути оддалеченост, одете и за три часа детето ќе ви биде како ново.

Анамарија и мајка и отидоа во кола, јас останав да го почекам упатот, да го завери сестрата. Од медицински аспект не и дадоа ништо, но административни формалности имаше премногу. Анамарија сакаше да си одиме дома, мислам дека беше подобра и самата така ни кажа. Не знам кој ѓавол не тераше наместо дома да одиме во болница, како што ни рекоа, само да ја освежат со инфузија.infektivna_3
Влеговме во државна болница. Во вечерните часови местото е како од хорор филм. Нема осветлување, нема луѓе, само темни улички како лавиринти. Некоја ѓаволска сила не одвлечка кон Инфективна. Беше 22:15 часот кога Анамарија под рака со мајка и влезе во амбулантата. Тоа и беше прво влегување на Клиниката и почна да ја надвладува стравот. Докторката во моментот ја немаше. Сестрата го погледна упатот, ја прашавме дали е за кај нив (бидејќи претходно не можевме да прочитаме, беше премногу темно).

– Колку години има девојчето – праша.

-Уште малку 13 – одговоривме.

– Останете тука, ни рече, и да одите на Детска пак ќе ве вратат. Големка била девојката.

Тогаш дојде докторката, забележа дека упатот е за на Детска, но не прими. Сестрата ме прати по некои формалности на шалтер. Јас како од Марс паднат (мразам болници и шалтери и никогаш не одам ни таму, ама ѓаволска работа). Во меѓувреме, Анамарија знаеше дека ќе ја боцкаат и уште повеќе пребледе. Отсекогаш се плашеше од боцкање од игли. Не можеше ниту да гледа такво нешто, а кога примаше вакцини секогаш и се лошеше. Сопругата убаво им нагласи дека девојчето има „фобија од игли“ и никогаш не сме ја оставиле сама. Докторката отсечно и суетно одговори: „Тука не постои фобија од игли“.

Почнаа да ја боцкаат, ја држеа повеќе докторки, сестри. Мајка и и велеше: „Мисли си злато на убави работи, на Охрид, како ги храниш лебедите, на Банско како скијаш.“

Не можеа да и најдат вена. Во тој момент нешто Г. (главната) докторка и сестрите почнаа да зборуваат, да потшепнуваат нешто меѓу себе „Е како го нема тоа!!!“ нешто и ставија во замена, не знам што, може и тоа да е причина за влошувањето кое следеше.

Анамарија веќе беше во несвесна состојба. Повикаа количка и ја однесоа на први спрат, на интензивно. Тука, ни рекоа, не може да влезете, ни ја затворија вратата и покрај тоа што ние инсистиравме еден од нас да влезе со неа, бидејќи никогаш до тој момент ја немавме оставено сама. Се почувствував беспомошен. Влегуваа, излегуваа сестри со некои резултати, ние чекавме. Во меѓувреме дојде и докторка од Детска клиника, педијатар. Помина еден час и докторката излезе и ни рече дека е стабилна и дека може да влеземе да ја видиме. Влеговме, Анамарија примаше инфузија. Ја прашавме како е, ни одговори „така-така“. Мајка и ја гушна и и рече да ја слуша докторката „таа“ и е како мајка тука и дека се ќе биде добро. Во меѓувреме не викнаа во друга соба на разговор со докторката од Детска клиника, педијатарот. Таа ги имаше сите резултати на листови и почна да не распрашува за Анамарија, ништо сериозно. Јас ја прашав какви се резултатите и таа ми кажа дека скоро се е добро само немала некои протеини. Не праша што јаде Анамарија и кажавме дека послабо јаде месо  во последно време, особено свинско ама јаде пилешко и други работи. Крвта и беше одлична, пред неколку дена бевме на планина, скијаше. Јас ја прашав како е срцето а таа ми кажа дека е супер и бубрезите рече дека се добри. Во тој момент Анамарија почна да вика многу гласно, да вришти и да лелека од болка. Неподносливо. Веднаш тргнав кон собата каде моето злато беспомошно лежеше. И што да видам, три сестри и две докторки ја држат Анамарија и и ставаат нешто. Моето јагненце вришти и бара помош. Срцето ми се кине. Во тој момент ми приоѓа докторката-педијатар од детска клиника и ми вели ништо страшно и ставаат катетар.

(Подоцна, после се што се случи од други медицински лица дознав дека тоа е незгодно и боли посебно за девојче од 12 години. За таа воздраст не се ни препорачува да се прави, особено не без локална анестезија, а ако се земе предвид и нејзината страшна фобија – тоа што кутрото дете го чувствувало во моментот што не се објаснува со зборови).infektivna
Прв пат во животот не знаев што да правам, секогаш сум бил одлучен, сум имал став, но во тој момент како да бев блокиран. Жена ми плачеше. Во еден момент сакав да го прекинам тоа мачење, да ја изнесам Анамарија од таа проклета просторија. Ме спречија зборовите на сопругата „да не ги прекинуваме, наскоро ќе и го стават – ако почнат од почеток ќе биде полошо“ и не знам како се согласив. Сестрата не испрати надвор и ја затвори вратата.

Повторно сме пред вратата на смртта. Набрзо излезе и докторката од Детска, си замина. Уште еднаш ни рече дека Анамарија е добра, се е ок, треба да го смениме начинот на исхрана и да и даваме повеќе протеини. Ми рече дека во наредните денови ќе направеле уште некои испитувања, меѓутоа ништо страшно. Ја прашавме што прави во моментов, рече дека и ставаат албумини! Жена ми праша зошто, како ќе ги поднесе организмот, дали е можна реакција? Докторката категорично рече „Не, тоа се човечки материи ќе и биде добро“ и си замина.

Од тука почнува хоророт!

Ова се случуваше околу 00:30 минути.

Стоев пред вратата на смртта. И велев на жена ми ќе ја удрам вратата, ќе се отвори и ќе влезам. Смири се, рекоа дека е добра, ми вели таа. Јас бев залепен до вратата, претворен во уво. Во далечина повторно го слушнав гласот на мојата ќерка за последен пат. Тоа беше тивка молба и лелекање „Ве молам немојтеее! Ве молам престанетеее!
Тогаш најверојатно протекуваа последните капки од течноста (албумини) во нејзините вени. Анамарија беше воспитана, премногу културна и достоинствена дури и во најголемата болка. Со почит им се обраќаше на оние кои требаа да и помогнат. „Ве молам немојтеее! Ве молам престанетеее!

Јас ја слушав како во најголеми маки, како лелека и умира (никогаш нема да го заборавам нејзиниот глас, се уште ми одекнува во ушите). Првпат во животот им ја доверивме на други, поверувавме, за првпат се разделивме. Сега со сигурност знам дека згрешивме. Ја однесовме на место каде уште на почетокот ни рекоа „фобија во болница не постои“. Чудно, во светски рамки медицината ги признава фобиите, но не и докторите од Клиниката кои ја третираа. Тие сигурно сигурно не ја прочитале оваа статија во прилог:

(ЛОНДОН – Стресните ситуации можат да бидат причина за инфаркт, потврди истражувањето на американските стручњаци од Универзитетот во Бингхамтон.
Имено, стручњаците објасниле дека во моментите на ненадеен шок или засилен стрес се отпуштаат хормоните кои ги придвижуваат бактериите и плакот кој е залепен во крвните артерии. Тој плак кој го градат бактериите влегува во крвотокот и може да ги затне крвните садове поради што може да дојде до срцев удар, пишува „Дејли мејл“.

– Срцевиот и мозочен удар често следат после настани кои ги следат засилено излачување на хормонот катехоламин. Тоа се најќесто шок, екстремни напори и засилен стрес – објаснува Дејвид Дејвис, еден од научниците кој учествувал во истражувањето.)

И тоа не е единствениот пропуст на медицинскиот тим. Подоцна во консултација со други доктори ни беше кажано дека албумините се специфична имунолошка терапија која се дава само во присуство на анестезиолог, кој во случај на реакција треба да даде антишок терапија. Некои велат дека оваа терапија не се дава на деца на таа возраст, особено не без претходна согласност на родител. Нас воопшто не не прашаа за согласност, ниту не информираа за можните последици.

Околу 01:20 излезе докторката и ни кажа дека Анамарија е во лоша состојба и откажало срцето (пред еден час сосема здравото срце) и е на апарати.  [ОК! Беше обична настинка, беше дехидрирана. Прашавме дали да повикаме помош од надвор, рекоа нема потреба сами можат да направат се што треба. Побаравме да бидеме внатре до детето, рекоа ќе не викнат подоцна, демек ќе пробале да ја реанимираат. Тогаш (веќе задоцнето) почнав да се молам на Св. Петка, мојата и нашата семејна заштитничка. Таа секогаш ми помагала, само што сега се молев на работа која веќе е „завршена“, Анамарија претпоставуваме дека веќе беше почината.

Според состојбата во која ја видовме нашата ќерка, за нас тука почна ритуалниот болнички циркус.

Во 02:00 излезе повторно докторката и ни рече да влеземе да и да зборуваме.

Тоа беше најголемата перверзија што може едно „човечко суштество“ да ви ја каже. (Тоа го нема ни на филм).

Жена ми се фрли на ладното (мраз) тело на според нас веќе починатата Анамарија и почна да ја бакнува и гушка,  да и зборува дека мора да живее, да ја моли да се бори, а јас таков како што сум, ја прашав докторката на кој апарат да ги видам отчукувањата на срцето. Таа целата се збуни. Такво нешто немаше. Зборувајте, вели ве слуша. Жена ми беше целата изгубена, уште ја повикуваше да се бори. Ја прашав втората докторка: „Жива ли е?“, иако се ми беше јасно дека не е, а таа ми рече: „Да, ве слуша, зборувајте”.

ПЕРВЕРЗИЈАТА ГИ НАДМИНА СИТЕ ГРАНИЦИ. Жена ми уште зборуваше на, според нас, веќе мртвото тело на нашата ќерка. После некое време ни рекоа да излеземе и да пробаат уште еднаш да ја реанимираат (филмско сценарио со докторска етика). Им трбаше време да ја подготват целата ситуација. Во 2:30 повторно излезе докторката и ни рече да влеземе во првата соба до вратата на смртта. Ни кажа дека девојчето починало. Јас знаев и пред тоа ама кога ќе ти кажат со збор е уште пострашно.

Жена ми во целото тоа бунило ја праша – од што почина девојчето – што се случило, па нели беше добро? Г. докторка одговори: „Шокова состојба“. Жена ми повторно ја праша, а што е тоа шокова состојба. Кога ќе ме прашаат од што беше болна, што да им кажам? Тогаш докторката нервозно, арогантно и нечовечно одговори „Тие што треба да знаат, знаат што е тоа“ (мислеше на шокова состојба) и си замина во друга соба. Потоа не се сеќавам дали сестрата или другата докторка не праша дали сакаме да се изврши обдукција. Јас не знаев во моментот што да одговорам и реков дека сакам. Тогаш сопругата им рече дека ги подаруваме органите. Тие ја одбија со образложение дека не можат да ги земат (и ден денес се чудам зошто кога на многу луѓе им зависи животот од овие органи). Во меѓувреме дојде и брат ми. И тој беше во шок.

Се уште не знам како тргнавме накај дома сами, без девојчето. Се симнавме на долниот спрат и се сеќавам на сестрата (една смешо – плава) како трчаше по нас да ни подметне нешто да потпишеме. Знам дека ништо не потпишав иако таа не убедуваше дека се некои формалности. Всушност требаше да потпишеме дека се согласуваме со тоа што и ставиле – бланко изјава за согласност (да потпишеме нешто што тие ќе си го носат на совест ако ја имаат) – им требаше потписот да го замачкаат случајот и да имаат покритие.

За еден час брат ми отиде да ги среди формалностите, да ја земе смртната листа, бидејќи јас не бев во состојба. Дома размисливме и тврдо одлучивме да не дозволиме обдукција (со оглед дека не им требаа органите). На сето тоа што и го направија, уште да ја испокасапат таа убавина, за да можат да си најдат некоја латинска фраза и да го затворат случајот. Тоа им беше пренесено, тие прифатија иако подоцна дознавме дека морале по службена должност да и направат бидејќи пациентот им починал само неколку часа по приемот.

Во раните утрински часови во некои медиуми (првично Канал 5) беа пуштени шпекулации дека девојчето умрело од свински грип. Се повикуваа на извори од  Инфективната клиника, целта беше да се дефокусира јавноста, да се отргне вниманието од нивните грешки (Извор: хттп://тоцка.цом.мк/1/149320/поцина-12-годисно-девојце-од-свински-грип

Дванаесет годишно девојче денеска почина од свински грип на Инфективната клиника во Скопје, јавува Канал 5.
Информацијата ја потврдуваат доктори од клиниката.)

Следуваа разни будалштини, дезинфекција на училиштето „Ѓоргија Пулевски“ и на болницата, па тоа одеше до таму што и директорот на училиштето каде учеше Анамарија им забрани на учителите и децата да дојдат во нашиот дом (демек свински грип -лудило до бесвест). Кај Анамарија не беше пронајдена дури ни бактерија, замислете!!! Сепак, тие кои најмногу ја сакаа, нејзината учителка, класната и една мајка, и покрај се храбро дојдоа кај нас. „Немаме зборови за Анамарија, во генерацијата сме немале таков ученик“, велеа.

Подоцна свинскиот грип го демантираше директорот на Инфективна.

„Директорот на Клиниката за инфективни болести Звонко Миленковиќ ја исклучува можноста некаков вид грип да биде причина за смртта на дванаесетгодишната пациентка од Скопје која синоќа околу два часот починала на Клиниката.
– Не станува воопшто збор за грип, сезонски или пак било кој друг вид. Пациентот вчера околу 23 часот е примен на Клиниката со исклучително тешка шокова состојба со акроцијаноза, ацидоза, изразита хипотензија и доминатни гастроинтестинални симптоми со повраќање и проливи. И покрај укажувањето на екстензивни дијагностичко-тераписки постапки, за жал, четири часа по приемот почина на Клиниката. Клиничката симптоматологија, она што го регистрирале лекарите  во моментот на прием и она што го имале како анамнестички податок во никој случај не укажувало воопшто дека станува за грипозна состојба, а камоли да укажува на одреден тип вирус којшто може да предизвика вакво нешто – изјави Миленковиќ.

Тој посочи дека детето претходно два дена било под надзор на матичен лекар и матичен педијатар, а потоа било упатено на Клиниката за детски болести, но мајката самоиницијативно го донела на Клиниката за инфективни болести каде било под надзор и на инфектолог и на педијатар којшто бил повикан.

– И покрај укажувањето на интензивни медицински постапки во кои се направени обиди да се зачува животот на пациентчето тоа за жал, починало. Сите испитувања оделе во насока на гастроинтестинална симптоматологија, а самата колапсна и шокова состојба значи исклучително тешка можност за земање крв и други анализи – рече Миленковиќ, нагласувајќи дека она што е земено е подлежено на испитувањата кои се можно да се направат.

Прецизира дека колапсната состојба не дозволува да може да се направат сите можни дијагностички постапки како што би се спровеле во нормални услови.

– Од анамнестичките податоци кои се добиени од семејството може да се види дека болеста почнала два дена пред смртта, а на идентичен податок укажуваат и упатите од матичниот лекар и педијатар со кои е упатено на Клиниката, каде стои дека пациентката имала висока температура која достигнала до 39 степени. Но, она што нашите екипи можеле да го регистрираат при приемот била силно изразена хипотермија, односно тоа воопшто немало температура, била во акроцијаноза и во тешка шокова состојба – рече Миленковиќ.

Во ситуација кога лицата престојувале помалку од 24 часа на Клиниката пред да починат, нагласи, ние задолжително бараме изведување на судско медицинска аутопсија, но семејството изричито одби такво нешто со потпис на историјата на болеста.“

Она што сакам да го знае јавноста е дека Анамарија беше потполно здраво девојче. Здравствената книшка и беше празна. Цели 5 години немало потреба да оди на матичен доктор. Немаше ни обична настинка. Првата матична докторка веќе во пензија на шега знаеше да каже: „Ако сте пациенти ни се вакви, ние може да ја затвориме ординацијата“. Анамарија се лечеше превентивно, на природна основа, скоро и да немаше земано антибиотици и многу ретко и развиваше некоја настинка или грип.

Ова сега што ќе го напишам е малку морбидно, но така го чувствувам.

Загубата на дете е најголемата болка, мислам поголема не постои. Сепак да ми починеше детето во сон, мирно и брзо, ќе беше голем шок, меѓутоа ќе си речев сам на себе – тоа е Божја работа и тука ништо не можам да сторам!

Да починеше ќерка ми од некоја тешка болест (рак, леукемија и сл.) ќе се боревме, ќе се обидуваме да правиме нешто и на крај сам на себе ќе си кажев во сета болка – толку можеме, толку знаевме, толку имавме среќа и толку било.

Да починеше ќерка ми од залутан куршум, ќе имаше виновник и во целата болка и сам пред себе ќе помислев тоа е судбина баш неа да ја погоди куршумот од сите.

Ама ова, од обична вироза или настинка, на нозе да отиде во болница (на сигурно место) и во 21-век да умре од инфузија – неразбирливо. Има ли поголема болка, има ли поголема траума што може да доживеат еден татко и мајка, а да не можат да и помогнат на својата ќерка што скоро 13 години ја чувале како во стаклено ѕвоно.

Ја земавме умреницата од болница (Инфективно) и ни рекоа дека сме должни 2.200 денари (за сите материјали ставени во нејзиното тело од кинеско или не знам какво потекло). Животот или смртта на мојата ќерка имаше цена која чинеше 2.200 денари со државна партиципација, без да ни дадат ниту хронологија на случувањата и материјалите што и се дадени.

Многу почовечно ќе беше да и дозволеа барем на мајката да биде со детето и да ја држеше за рака, да и зборуваше. Докторската суета без грам човечност по роботски протоколи го одзедоа овој млад цвет пред да расцвета со сета убавина. Нека ви служи на чест „доктори“!

Подоцна резултатите што ни ги дадоа по многу перипетии (не знам дали беа сите, целосни и некорегирани) ги разгледаа неколку еминентни стручњаци од земјава и од странство. Ни укажаа на нешто што никој на Клиниката не ни спомна – шеќерот во крвта бил покачен а тие и давале гликозни раствори. За неколку часа од приемот да го качат на 16 мерни единици, а подоцна за еден час од 16 и го качиле на 24, нешто незамисливо за Клиника. Не повикале ендокринолог да им каже кои раствори да ги употребат.
Повикале педијатар кој и дава албумини (недозволиво при покачен шеќер) без присуство на анестезиолог и го распукува срцето. Најиронично на самиот крај не ја реанимираат со дефибрилатор или како се вика оној апарат за електро шокови (што треба да го има во секоја поголема фирма), но ете во болница не се употребува.

На сите тие доктори специјалисти, кардиолози, анестезиолози им поставив само едно прашање. Дали ќерка ми ќе беше жива ако не ја однесев вечерта на Клиника? Сите ама, баш сите (што ги видоа отпусните резултати) ми рекоа дека ќе била жива.

Да, моја или родителската грешка е што ја однесовме во Државна, требаше да си ја чуваме дома, да ја лекуваме како во старите времиња и ќе беше жива.

Немаа ниту поставена дијагноза, ниту знаеја од што ја лечат, ниту од што починала. За неколку часа им отиде еден здрав и јак организам, како што велат од шокова состојба (тие што треба да разберат ќе разберат) и никој не одговара за ништо.

Ова се случува само во земјата на чудата Македонија.

Таткото на Анамарија

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1