Како ловеле глувци во минатото – Невестулката во македонските народни верувања


Во времето кога отровите и механичките направи за фаќање глувци сè уште не биле вообичаена појава во рурална Македонија, народот од наездата на глувци се спасувал со помош на ласиците (анг. Least weasel лат. Mustela nivalis), познати и како невестулки. Во штипската околина, регистрирано е дека пред повеќе од половина век, за оваа намена се користела следнава песна:

„Дојди невесто на гости –
куќа е полна со глувци.
Фалат ти се глувци –
ќе ти јадат уши.“

lasica33Оваа песна ја пееле претежно деца и преку неа ги повикувале невестулките, да дојдат на помош кога во некоја куќа ќе забележеле дека има глувци. Иако во тоа време најголем дел од народот и немал некое формално образование од оваа област, сепак за разлика од многумина денес, знаел дека невестулките се природни непријатели на глувците и дека се хранат со нив. Па така кажувајќи дека таму и таму има глувци кои дури и ги исмевале, на церемонијален, симболичен начин ги повикувале невестулките да им помогнат, а воедно и да се нагостат и одмаздат за глувчешкиот подбив.

И до ден денес во повеќе краеви на Македонија е задржано верувањето, останато од дамнина, дека невестулката е интелигентно, одмаздољубиво животно и дека доколку дома ви влезе невестулка таа не треба да се тепа или насилно брка затоа што потоа знае да се свети. Според истово верување доколку на невестулката сепак ѝ се нанесе некое зло таа потоа се враќа за да се одмазди, преку давење на живината, нанесување на други пакости, а понекогаш и преку директно напаѓање на човекот на спиење.

ЛасицаПрактиката ласицата да се нарекува невестулка, односно невеста е поради народното верување дека порано таа навистина била невеста која што се претворила во мало злобно животно за од љубомора да им ги уништува невестинските фустани на другите невести.

Ова македонско верување (присутно и во денешна Грција и Бугарија) влече корени уште од антиката и се спомнува во книгата Macedonian Folklore од 1903 година.

Интересно е и тоа дека, според истава книга на авторот Џорџ Фредерик Абот (George Frederick Abbott), во античка Македонија се верувало дека да се види ласицата е добар знак. Македонките пак, кои што ќе ги заболелела главата откако ќе си ја измиеле, претпоставувале дека во водата со која што се измиле, претходната ноќ се огледала ласица, но сепак не го споменувале нејзиното име од страв дека ќе им ги уништи алиштата.

Дека последново е сепак повеќе од само обично суеверие, во 2006 година се уверија битолчани, кога беа сардисани од голем број на ласици, кои, според сведоштвата, им напакостиле и преку искинување на женските алишта.

Александар Стеванов

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1