Рускиот претседател Владимир Путин е кошмар за многумина од западните лидери, премиери, претседатели и канцелари. Тој од Русија направи светска велесила, а украинската криза, како никогаш порано ја актуелизираше расправата за неговиот лик и дело
-Доаѓам од обично семејство и така живеев долго време, речиси цел живот. Живеев како просечна, обична личност и ја зачував таа врска, раскажува тој.
Путин, пораснал со вкусот на храната која ја готвела неговата мајка-спанаќ, палачинки, пирошки… Неговата мајка не го одобрувала неговото бавење со џудо, се додека дома не ги посетил неговиот тренер кој им објаснил што всушност е џудото. Неговиот татко учествувал во Втората светска војна, по што работел како обезбедување и надзорник.
Како што вели Путин, во училиште бил проблематичен.
-Секогаш доцнев на првиот час, вели тој.
Во шесто одделение одлучил да се смени, па започнал да учи, а им се придружил и на пионерите. Во 1970 година започнал да студира право.
-Дури и пред да го завршам средното училиште, сакав да работам како известувач, додава тој.
За да може да се запише во КГБ училиштето, тој морал да заврши правен факултет во Ленинград. По завршувањето на студиите се вработил како известувач. Набрзо е вработен во Главниот секретаријат, известувачка дивизија. Од 1985 до 1990 година работел во Источна Германија. Пред тоа се оженил со Људмила Шкребнева. Непосредно пред заминувањето во Германија ја добил ќерката Мариа. Другата ќерка Катерина, родена е во 1986 година во Дрезден. Путин во 1989 година е одликуван за својата работа во известувачката служба во Дрезден и бил два пати унапреден.
По враќањето во Ленинград во 1990 година, станува асистент на ректорот на Универзитетот задолжен за меѓународни односи. Во 1996 година се преселил во Москва, каде започнала неговата политичка кариера. Во 1999 година станува премиер на предлог на Борис Елцин, а наскоро го заменува на позицијата претседател. Осум години останува на таа позиција, а во 2008 година станува повторно премиер. Четири години подоцна, повторно е избран за претседател на Руската Федерација.
Путин денеска некои лидери ги фасцинира, а западниот свет главно не е негов обожавател.Некои го нарекуваат новиот Сталин, други лидер на слободниот свет. Едно е сигурно… Никој не останува рамнодушен на неговото име.