По огромниот успех на македонската ракометна репрезентација, која на Европското првенство во Хрватска се пласираше во втората фаза како првопласирана во групата, македонските навивачи веќе на големо прават планови како да стигнат до Вараждин. Таму нашите ракометари ќе ги играат следните три мечеви, по кои ќе се знае какви се шансите македонската репрезентација да се бори и за медал.
Сите што планираат да патуваат во Вараждин, најважно е прво да си обезбедат билети за натпреварите. Тие може да се купат онлајн преку официјалната страница на Европското првенство (http://www.ulaznice.hr/ehf-euro-2018/). Според информациите на оваа страница, за натпреварите кога ќе игра Македонија сѐ уште има билети за продажба, а нивната цена се движи од 33 до 67 евра. Од досегашните искуства, билети на црно ќе се продаваат и ден-два пред натпреварите, но нивната цена ќе биде повисока. Спортската арена во Вараждин има капацитет од 5.000 места, но сѐ уште не се знае колку билети ќе бидат наменети за македонските навивачи. Сепак, се очекува првиот натпревар на македонската репрезентација во втората фаза, против селекцијата на Шпанија, во салата да го следат околу 2.000 навивачи од Македонија. Во прилог на нашата национална селекција и оди тоа што унгарската репрезентација не се пласира во втората фаза од ЕП. Со оглед на тоа дека Вараждин е многу блиску до границата со Унгарија, се очекуваше многу голем број навивачи од оваа земја да дојдат во градот за да ја бодрат својата национална селекција.
Првиот натпревар во Вараждин македонската репрезентација го игра во недела, а следните два во вторник и среда. Наједноставен начин за да стасаат навивачите од Македонија до Вараждин е со автомобил. Овој хрватски град од Скопје е оддалечен 883 километри, од кои дури 828 километри се автопат, така што се стасува за околу 9 часа возење. За патарини до Вараждин требаат околу 40 евра. На тие што се веќе во Загреб, за да стасаат до Вараждин со автомобил им треба околу еден час возење.
Тие што немаат автомобил може да патуваат со редовна автобуска линија Скопје-Загреб и оттаму да фатат друг автобус до Вараждин. Повратен автобуски билет до Загреб чини 5.670 денари, додека цената на билетите од хрватската престолнина до Вараждин се движи од 8 до 12 евра. Единствен проблем со автобускиот превоз е што од Скопје за Загреб има линија само во среда, петок и во недела. Автобусот во недела тргнува во 21.30 часот, кога веќе натпреварот ќе биде завршен. Но, некои туристички агенции од земјава веќе почнаа да нудат организиран превоз за Вараждин по цена од 3.400 денари, темпиран за навреме да се стаса за натпреварот во недела.
За тие што сакаат најбрзо да стигнат во Вараждин викендов, најдобра опција е авионски превоз до Загреб, па оттаму со рент-а-кар или автобус до Вараждин. Од скопскиот аеродром „Александар Велики“ секое утро во 5:50 часот има директен лет за Загреб со авиокомпанијата „Кроација ерлајнс“, кој во хрватската престолнина слетува во 7:30 часот.
Во моментов, повратен авиобилет до Загреб чини околу 210 евра. Тие што планираат да патуваат за Хрватска за да ја бодрат нашата репрезентација мора што побрзо да си резервираат сместување. Според информациите објавени на интернет страницата booking.com, околу 85 отсто од сместувачките капацитети во Вараждин веќе се резервирани. Помалечките хотели целосно се распродадени, а место има во хотелите со 3 и 4 ѕвездички, каде две ноќевања со појадок за двајца чинат од 200 евра па нагоре. Во приватни апартмани може да се најде сместување од 120 евра па нагоре за две ноќи. Сместување може да се резервира и преку страницата airbnb.com. Преку овој специјализиран сервис може да се изнајми цел стан со една спална соба за 68 евра од ден или пак цел стан за пет лица за 189 евра дневно. Тука се нудат и соби за двајца со цени од 37 евра па нагоре од ноќ. Нешто поевтино сместување може да се најде во населените места надвор од Вараждин, оддалечени од 10 до 20 километри од градот. Таму се нудат кревети и за 10 евра по човек на ден.
Распоред на натпреварите на Македонија во втората фаза:
21.01.2018 (недела) – Македонија : Шпанија
23.01.2018 (вторник) – Македонија : Чешка
24.01.2018 (среда) – Македонија : Данска
извор: факултети.мк