Кавадарци во шок по трикратното убиство, откако зет ги уби родителите и сестрата на својата сопруга. Во најголем шок се сепак најблиските на убиените кои вечерва се собраа во близина на нивната семејна куќа во центарот на градот кај градскиот пазар, пишува Дневник.
-Знаејќи ја нивната болка не се ни обидовме да ги прашуваме за нешто ниту пак се приближивме премногу до куќата, но во обид да го фотографираме патот кој води до куќата меѓу овие два објекта кои се гледаат на сликата, една од блиските роднини се нафрли на нас. Со влечење за коса, туркање и обид да го одзеде нашиот фотоапарат викаше како никој не преземал ништо во изминатиот период кога семејството како што рече било малтретирано од убиецот. Новинар не беше добредојден таму. Од нападот на жената не спасија полицајците кои беа во близина и кои во темнината ни помогнаа да ги најдеме паднатите наочари, пишува Дневник.
Во Центарот за социјални работи во Кавадарци тече бракоразводна постапка помеѓу убиецот и неговата сопруга поради нарушени семејни односи. Сопругата поднела тужба за развод на бракот а судот донел времена мерка со која двете малолетни деца требало да живеат со неа и повремено да се гледаат со таткото, се до завршувањето на бракоразводната постапка. Во тек била постапката за старателство.
Инаку портпаролката на СВР Велес Анита Стојковска вечерва потврди дека има тројно убиство во Кавадарци и дека на лице место увид вршат јавен обвинител и увидна полициска екипа.
-Имаме осомничен и по него се трага-нагласи Стојковска.
Убиството било извршено со пиштол, а убиецот е во бегство. Цело Кавадарци и околината се сардисани од полицајци. Неофицијално, малолетните деца за време на убиството биле во домот на убиецот со неговите родители. Исто така неофицијално, мајката загинала во обид да ја спаси ќерката од убиство.