Неповрати 3.000 евра за отпочнување на сопствен бизнис ќе добијат 400 невработени лица во рамките на проектот за самовработување, најави денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Огласот ќе биде објавен утре, а право да се пријават имаат сите невработени регистрирани во Агенцијата за вработување.
Покрај грантот од 3.000 евра во форма на опрема и репроматеријали, учесниците во програмата за самовработување добиваат и низа други придобивки кои, треба да им помогнат да станат успешни претприемачи, како што е обука за претприемништво, експертска поддршка за развивање на својата бизнис идеја во одржлив бизнис план и советодавна поддршка при регистрацијата на бизнисот.
Најдобро оценетите 50 бизнис планови ќе имаат можност да добијат грант со дополнителни 1.500 евра за едно дополнително вработување во новоформираната фирма.