Во Министерството за култура денеска се одржа средба на која присуствуваа, министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска и претседателите на здруженијата за заштита на авторски музички права.
На средбата, како што соопшти Министерството за култура, било разговарано за актуелните состојби и потребата од изнаоѓање на прифатливо решение кое ќе биде во интерес на авторите и корисниците односно радио и телевизиските организации, а истовремено, ќе биде во функција на остварување на јавниот интерес во областа на музиката.
На состанокот е договорено почнувајќи од 4 јануари 2016 година во рок од 15 дена работни групи составени од претставници на Министерство за култура, Министерството за информатичко општество и администрација и на здруженијата за заштита на авторски музички права, да работат на утврдување на текстот на законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права, предложен од страна на здруженијата. Исто така договорено е здружнието ЗАМП, забраната за емитување авторски музички дела од репертоарот на ЗАМП да ја стави во мирување до 20 јануари следната година. Договорено е ЗАМП да ги извести странските организации за колективно управување со авторските музички права (ХДСЗАМП- Хрватска и СОКОЈ – Србија), како и радио телевизиските организации во Република Македонија, соопшти Министерството за култура.