Компанијата Електрани на Македонија, објави тендер за изградба на „Рајски парк“, најголем парк во Скопје, со разновидна вегетација и животни. Местото на кое се очекува да биде изграден е кејот на реката Вардар, во близина на Куќата на фудбалот на ФФМ. Се работи за простор од 9 хектари, на кој е предвидено да живеат срни, фазани, мајмуни и други животни.
Според официјалниот тендер, планот за реализација предвидува период од 2 години. Идејното решение ја чинеше компанијата 114 000 евра, а негови автори се Никола Стакинов и Лазар Димов.
Предвидени се плоштади, паркинг за посетителите, паркинг и патеки за велосипеди, објект за надзор и обезбедување на паркот, национален ресторан, бродска куќа, мултифункционален простор, места со фонтани и чешми. Исто така, предвидени се живеалиште за примати, односно внатрешен и надворешен хабитат, ветеринарна станица со магацини и паркинг за возила за изнајмување, магацини за храна за животни, кафетерии, повеќе детски катчиња, спортски терени за кошарка, повеќе летниковци, водени павилјони, воденица и саат-чешма – велат од ЕЛЕМ.
Инаку идејата е стара скоро 4 години, а слични содржини почнаа да се градат на конкретното место, но градежните активности беа запрени поради нерегуларности. Компаниите имаат рок до 23 јуни да ги достават своите понуди до Електрани на Македонија, по што ќе следи избор на изведувач.