Тврдината Кале е отворена за посетители. Откако повеќе од две години влезот беше забранет, сега граѓаните и туристите можат да одат на прошетки на тврдината. Но, сепак, секој влез се контролира од чуварската служба, граѓаните и туристите првин треба да се пријават кај луѓето што се задолжени за нејзино обезбедување.
Тензиите кои беа поради изградбата на црквата се смирија, но на Калето се извршуваат археолошки ископи и конзерваторски работи, па затоа е потребен одреден режим на движење низ него”, вели Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство.
Тој објаснува дека се размислува влезот на тврдината во иднина да се наплаќа.
“Го подготвуваме Калето да стане место кое секој турист би го посетил и би имал што да види. Веќе се поставени два телескопа, од кои може да се види цело Скопје, а во тек се и конзерваторските работи за заштита на остатоците од Отоманската Империја. Кога ќе ги завршиме сите овие работи, ќе почнеме да наплаќаме влезница”, додава Кузман.
Тврдината Кале беше затворена за посетители по крвавата тепачка за изградба на црква во февруари 2011 година.