Државата на јавно наддавање ќе продава конфискуван имот од лица осудени за криминал. На лицитација одат Драган Даравелски и Миодраг Марковиќ кои врз основа на правосилна судска одлука од 2007 и 2008 година го оштетиле Буџетот за 103 милиони денари, односно 544 милиони денари.
Одлуката за продажбата на конфискуваниот имот ја донела Владата на последната седница, информира Миа.
Покрај тоа што со продажбата на конфискуваниот имот се враќаат парите во Буџетот и ќе може да се употребат за проекти од интерес за граѓаните како училишта, болници, пензии и плати.
,, Со ваквите активности лицата кои се одлучуваат на противправно дејствување треба да бидат свесни оти нема да можат да ги зачуваат своите придобивки или имот кои ги стекнале незаконски со противуставно постапување, но и дека ќе може да го изгубат целокупниот свој имот,, нагласи Ѓорѓиев.
На продажба одат луксузно опремен стан на Драган Даравелски, лоциран на ул. „Климент Охридски“ во Скопје, со површина од 110 метри квадратни и подрумски простории од 9 метри квадратни. Почетната цена е проценета на 8.394.873 денари.
Од конфискуваниот имот на Даравелски ќе се понуди на продажба на локал на ул. „Трета македонска ударна бригада“ бр. 2 во Куманово, со површина од 80 метри квадратни и дворно место од 742 метри квадратни. Почетната цена на наддавањето е 4.670.643 денари.
Од конфискуваниот имот на Миодраг Марковиќ, пак, ќе се продава вила на ул. „Питу Гули“ бр. 13 во Скопје, на Водно, со површина од 1.800 метри квадратни. Почетната цена на наддавањето е 82.614.641 денар.
Потенцијалните купувачи ќе може да извршат увид на објектите. Ќе треба да уплатат 10 проценти од проценетата почетна вредност. Тој што ќе понуди највисока цена има обврска во рок од 10 дена да ги уплати парите за купување во државниот Буџет по што ќе следи пренос на сопственоста од државата на купувачот во рок од 8 дена.
Покрај конфискуваниот имот од Даравелски и Марковиќ, во следниот период ќе има продажба на конфискуван имот и од други лица врз основа на правосулни судски одлуки.
Ќе се прави попис на запленетото,а со оглед на фактот што Македонија има склучено повеќе договори со сродни агенции од Балканот и пошироко ќе може да биде конфискуван имот надвор од границите на Македонија, а што припаѓа на лица кои се правосилно осудени во државава со судска пресуда.