Од локалната самоуправа информираат дека до надлежните во општината пристигнале поплаки од жители од Месна заедница Стар град дека е изграден дополнителен крак на „ Мостот на желбите“ . При тоа од локалната потенцираат дека кракот не е предвиден во ниту еден урбанистички план и дека е дивоградба, исто како и самиот мост, јавува OhridNews .
– Инспекторатот излезе на терен и ќе започне со постапка за уривање на нелегално изградениот објект, за кој нема никаква дозвола , а покрај тоа за оваа дивоградба не постои никаков елаборат за сигурност, ниту план по кој е граден. Објектот е и опасност за граѓаните бидејќи на него се уриваат камења од карпите, велат од општинскиот инспекторат.
Оттаму најавуваат дека наскоро ќе стартува акција за уривање на повеќе дивоградби на подрачјето на Охрид кои се почнати да се градат по донесувањето на новиот Закон за легализација или пред тоа, а за кои не е поведена постапка за легализирање.