Ќерката на прославениот боксерски ас Мухамед Али, Хана, откри дека срцето на нејзиниот татко, кој почина во петокот во болница во Феникс, престанало да чука дури по половина час откако му откажале сите органи.
Таа тоа го откри во емотивната порака со која ги опиша последните заеднички моменти со татко ѝ во болница, непосредно пред неговата смрт.
– Нашите срца горат. Но, исто така сме среќни бидејќи нашиот татко сега е слободен. Сите се обидовме да останеме силни и да му шепотиме на увото: Можеш да одиш, сѐ ќе биде во ред, те сакаме и ти благодариме за сѐ. Сега можеш да одиш кај Господ – напиша Хана.
Големото срце на храбриот борач последно ја загуби битката. Работеше дури 30 минути по откажувањето на сите органи.
„Неговото срце само продолжи да чука. Никој од нас не видел такво нешто. Тоа е вистински доказ за силниот дух и желбата на татко ми. Му благодариме уште еднаш за сета љубов и поддршка која ни ја даде”.
Али, кој 32 години боледуваше од Паркинсонова болест, во понеделникот беше хоспитализиран поради респираторни проблеми, а во петокот почина.