Овој ракопис се чува во “Beinecke Rare Book & Manuscript” библиотеката на Универзитетот Јеил. Толку е мистериозен што “Кодот на Да Винчи” покрај него изгледа како обична играчка за мали деца: станува збор за книга која никој не може да ја прочита, на јазик на кој не постои, илустрирана со фотографии од билки и животински видови кои на нашата планета не постојат.
Во мекиот пергамент и старата слонова коска закачени се 240 богато илустрирани страници, а илустрациите делуваат како нешто од светот на самовилите или пак како визија која би ја имал фантазер под влијание на тешки опијати и дроги: чудни билки, непознати суштества, група голи дами со бледа кожа кои пливаат во езеро – или се спуштаат по воден тобоган?
Со текот на годините била под анализа на огромен број професионалци, научници, експерти кои за неа развиле безброј теории, како научни така и сосема “откачени”:
– “Мојата омилена теорија е дека станува збор за илустриран дневник на вонземјанин-тинејџер кој по грешка го заборавил на Земјата”, на шала изјавил Реј Клеменс.
Шалата, сепак, можеби и не е на место бидејќи многу од најбрилијантните умови потрошиле децении обидувајќи се да ја дешифрираат оваа прилично мала книга, во просечно џебно издание, заврзана со квалитетен пергамент.
Еден од нив е и Американецот Вилијам Фридмен – еден од најголемите криптографи од 20-тиот век и креатор на NSA – институцијата која толку популарна ја направи Едвард Сноуден. Тој околу ракописот потрошил цели 30 години трудејќи се да го одгатне, а теориите во меѓувреме само се множеле…
Уште еден пензиониран ботаничар неодамна го изнел тврдењето дека некои од прикажаните билки водат потекло од Централна Америка, додека британскиот експерт во применета лингвистика како сензација ја објавил веста дека успеал да преведе дури 10 зборови.
Меѓутоа, постојат и многумина кои веруваат дека станува збор за вешт, речиси совршен и неверојатно имагинативен фалсификат.
Полскиот трговец – пронаоѓач на изгубениот ракопис или фалсификатор?
Една од теориите низ историјата е дека ракописот е всушност фалсификат, кога трговец со ретки книги “открива” некој претходно непознат ракопис. Постои сомнеж дека тој е заслужен за фалсификување на ракописот – Војнич, Полјак од Литванија, која во тоа време била дел од Руското царство.
Роден во 1865-та година, кратко време поради револуционерните активности поминал во Сибир, а по тоа преку Манџурија побегнал во Лондон. Тука отворил продавница за стари книги, која станала центар за политички избеглици. Помеѓу нив бил и рускиот имигрант кој подоцна го преземал името Сидни Рајли, а на потомството му останал познат како авантурист и пренесувач на информации со надимак “Шпионски ас”.
Војнич бил познат по својот “редок дар” да ги открива дотогаш непознатите ракописи, а познато е и дека во своето време набавил големи количини на пергамент и од деновите поминати на Московскиот Универзитет располагал со знаење од хемија, потребно за реконструкција на средовековни пигменти и мастило.
Потврда од библиотеката на неговиот мистериозен пријател, информаторот Сидни Рајли, покажува пак, дека во тоа време во библиотеката на Британскиот музеј проучувал литература за античките видови на мастило.
Сето тоа, всушност не е доволно да се потврди теоријата за фалсификување – барем додека не се направи анализа на мастилото и пигментот со кој е напишан ракописот. Сега за сега, постои само анализа на пергаментот со помош на изотоп на јаглерод, која покажува дека убаво обработената кожа потекнува од 15-ти век.