Никола Груевски, во интервју за агенцијата Нетпрес говори за честите патувања и ангажманите во повеќе земји да ја претстави Македонија пред тамошните бизнис заедници за да се зголемат инвестициите во земјава. Признава дека се зависи од логистиката и од тоа кој ни помага во одредена земја – еве што тој вели кој се и помогнал на Македонија досега.
-Некаде интересот е подобар некаде послаб, зависно од многу фактори. Еден од факторите е и логистиката која ја имаме во одредена земја во смисла на подготовка на настанот, информирање на компаниите, и убедување да дојдат на тој настан.
Покрај ангажманот на амабасадите и инвестициските промотори, користиме и друг лица или институции кои можат да ни помогнат.
Направивме и многу развиена мрежа на почесни конзули, и во најголем дел тоа се крупни и угледни бизнисмени. Некаде од голема помош е и дијаспората.
На пример, Мајк Зафировски многу ни има помагано, со отворање врати и силна препорака кај крупни компании чии врвни менаџери или сопственици се негови лични пријатели.
Некаде тоа го прават други пријатели на Македонија или стопански комори.
Во Индија освен промоторот и амбасадата, многу ни помагаше Субрата Рој, кој ги покани највлијателните луѓе од земјата на презентацијата.
Во Турција огромна е политичката подршка на премиерот Ердоган и ангажманот на Стопнската комора на Турција.
Лани кога имавме презентации во Кина, клучна беше поддршката на властите и стопанската комора.
Во Мексико целокупната организација ја превзеде најбогатиот човек на светот, Карлос Слим, и неговиот син Карлос Слим Јуниор, кој го води телекомуникацискиот бизнис која е нивна главна дејност.
Некогаш имаме по 200 или 300 или во некои случаи дури 400 присутни компании, но има места каде доаѓаат и помалку, по 30 или 40. Во некои земји е поголем интересот, во некои помал. Но, наше е да се бориме.
Инаку, некои земји за вакви настани користат специјални агенции кои се прилично скапи за нас, и засега не сме користеле нивни услуги. На пример една соседна земја склучи договор со една од афилијациите на „Фајненшел Тајмс“ која се занимава со вакви организации, но за 4 организирани настани годишно само за услугите на агенцијата ќе плати 2 милиони евра, вели Груевски.