Кој е Феликс – храбриот човек кој скокна од работ на вселената? Видео


Вчерашниот ден ќе биде запаметен во историјата на човештвото, како ден во кој австрискиот авантурист Феликс Баумгартнер, скокна од висина од дури 39 километри.

Кој е всушност Феликс Баумгартнер?

Феликс е роден 1969 година во Австрија. Скокањето со падобран го започнал на 16 годишна возраст, а својата вештина додатно ја усовршил како член на австрискиот тим за војни демонстрации и натпреварувања.

Во 1988 година започнал со изведување на акробации, со скокови од авион со падобран. Феликс се заситил со скоковите од падобран, откако во рок од две години ги испробал сите вештини во оваа дисциплина.

Во 1990 година, започнал со скокање од фиксен објект, каде што откако ќе скокне од истиот, потоа го отвора падобранот со цел да го ублажи падот.

Феликс постигнал светски рекорд во оваа дисциплина и бил номиниран за Светска спортска награда во две категории (NEA награда) за екстремни спортови.

Феликс Баумгартнер често учествувал во добротворни настани, па така станал и гласноговорник на непрофитната организација „Крилата за истражување на коскената срж“. Феликс е познат и по тоа што стана првиот човек кој го прелетал Ла Манш со карбонски крила.

Феликс безбедно пристигна на земјино тло!

Феликс Баумгартнер за историскиот скок од работ на вселената се подготвувал речиси седум години, со цел тим на експерти.

Пред последниот скок од височина од 36,5 километри, Феликс извршил серија на тест скокови. Првиот го направаил во март 2012 година, кога скокнал од височина од 22 километри.

Во јули истата година го направил и вториот, од височина од 29,584 километри. Сето ова кулминираше со историскиот скок од работ на вселената.

Феликс со капсулата стигна до неверојатна висина од 39 километри над Земјата и го направи храбриот скок.

Баумгартнер: Се плашев да не загинам!

„Не можев сето ова да го изведам без поддржката на мојот тим. Сакам да им се заблагодарам на сите што допринесоа до тоа да ми се оствари сонот. Во тој момент размислував само за тоа да се вратам жив, да не загинам.

Почуствував како терет од 20 тони ми паднал од грбот. За ова се подготвував седум години.

Иако денот започна фантастично, сепак се случи мал проблем. И во последен момент кога ми се појави проблем со визирот, кај мене се појави чуството на колебливост за да ја одложам целата мисија.

Но, сепак на крајот се одлучив да го изведам скокот и тоа беше вистинската одлука. Си реков во себе, (Знам дека цел свет ме гледа, би сакал сите да го видат она што јас можев да го забележам на таа висина. Понекогаш морате да одите, да одите многу високо, за да видите колку всушност сте малецки)“, изјави Баумгартнер.

И покрај тоа што скокот изгледаше рутински и бил премногу брз, отколку што се очекувало, за Австриецот сепак, тоа, не му се чинело баш така.

„Беше тешко, ни на крај памет не сметав дека ќе биде толку тешко. Добро тргнав, имав одлична позиција, но почнав да се вртам неконтролирано, иако мислевме дека тоа нема да се случи.

Не знаев што да правам, бев заробен во оделото. Не го чувствував воздухот, а при секое вртење се обидував дасе вратам во нормалната позиција. Во еден момент помислив дека сум во голема опасност.

Но, одлучив да се борам и да се стабилизирам и да се вратам во нормалната позиција. Не ја почуствував брзината на звукот, не знам кога всушност успеав да ја пробијам. Во кој момент тоа се случи ќе видиме од податоците кои ги собравме досега“, изјави Баумгартнер.

Share Button

Tags:

Љубиша Владимиров

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1