По веста дека дури 29.000 пациенти во јули не го искористиле закажаниот термин во јавното здравство, лекарите-специјалисти реагираат и бараат пациентите да почнат да го почитуваат времето за преглед. Некои од лекарите посочуваат дека во земјите од Западна Европа важи правилото – кој нема да дојде на закажаниот термин во јавното здравство, го плаќа приватно прегледот, иако на него не се ни појавил!
Во една од болниците, ГОБ „8 Септември“, која со новиот начин на упатување е една од првите установи каде што пациентите се упатуваат на специјалистички прегледи, признаваат дека многу од нив не доаѓаат на закажаните термини.
На прашањето кои се најчестите оправдувања кои потоа ги кажуваат пациентите, лекарите со одговор:
– Некој заборавил дека му е закажано, некој не бил тука, бил подалеку од градот, па не можел да стаса, а некои велат дека во меѓувреме се снашле и во друга болница или поликлиника успеале да се прегледаат. Факт е дека термините за преглед, за жал, пропаѓаат! Некој не доаѓа, а од друга страна, некои чекаат со месеци за преглед, а произлегува дека има слободни места зашто закажаните не се појавиле. На пример, за колоноскопија и за гастроскопија, од шест закажани во денот, два-тројца сигурно не доаѓаат – вели д-р Зоран Стојановски, раководител на интерното одделение во болницата.
Kазни можеби треба да се воведат!
Директорот на ГОБ „8 Септември“, д-р Сашо Стојчев, е категоричен. Ова што се случува е блокирање на термините за преглед, а за тоа на пациентите на Запад им се наплатува 100 отсто – како приватно да биле на преглед. Освен тоа, ако не дојдат во посочениот термин, наредните 2-3 месеци не им закажуваат преглед зашто мора да го почитува терминот бидејќи на други пациенти им го зеле местото.
Упатот важи една недела пред и по терминот
Според правилата на „Мој термин“, упатот може да важи една недела пред, но и една недела по закажаниот термин така што пациентот кој од оправдани причини не се појавил во точно закажаниот термин, прегледот може да го оствари во посочениот период.
Дневник