Терористите кои на 13 Ноември ги изведоа нападите во Париз, во кои загинаа 130 лица, за целата акција потрошиле околу 7.000 евра, тврди “Ројтерс”.
Терористите за нападот имале трошок за “калашњикови” и муниција, самоубиствените елеци од рачна изработка, изнајмување на хотелска соба и автомобил, така да со релативно мал трошок убија огромен број луѓе, предизвикувајќи страв и хаос.
Според податоците, нападите на 11 Септември 2001 година во Њујорк, терористите потрошиле помеѓу 400.000 и 500.000 долари.
Ројтерс напоменува дека во својата пресметка за трошоците за парискиот напад, не ги пресметале сумите кои евентуално биле исплатени на терористите надвор од Франција и Белгија кои учествувале во нападот.
Најсофистицираниот дел од опремата за нападите, биле самоубиствените елеци, но за нивна изработка се неопходни ефтини материјали.
Елеците се полнат со ТАТП експлозив, кој во безбедносните кругови е познат под името “Мајка на сатанати”, а се изработува од производи кои се наоѓаат во секое домаќинство.
Хемискиот состав на ТАТП, кој може да се набави во секоја аптека, за еден елек не чини повеќе од 10 евра.
Според Ројтерс, хотелската соба која ја користеле терористите чинела 680 евра, а неделните трошоци за изнајмување на мали автомобили кои ги користеле за превоз од Брисел до Париз – “фолксваген поло”, “сеат леон” и “рено клио” не биле поскапи од 595 евра, со вклучена патарина и гориво.
Според податоците на Европол, еден “калашњиков” може да се набави по цена од 300 до 700 евра.