Во Македонија на 29 февруари годинава се родија повеќе од 30 бебиња. Овој датум 2016 година ја вброи во престапните години, а народот вели дека тоа се среќни новороденчиња, бидејќи ако се родиш на овој датум во престапна година ќе те следи бериќет низ животот.
Овие македонските бебиња се дел од 4 милиони граѓани на земјината топка кои што слават роденден секоја четврта година на 29 февруари.
На Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје токму на овој датум среќно дојдоа на свет 15 новороденчиња од кои што девет машки и пет девојчиња. Во Аџибадем-Систина дојде на свет здраво машко дете, а во Ре Медика исто така се роди среќно бебенце. Во Специјална болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза” во Чаир 7 бебиња беа среќлии. Но, во земјава има многу повеќе болници и родилишта па затоа и бројката на новороденчиња е поголема.
Како што велат од Скопската клиниката изминативе престапни години се случувало и многу повеќе бебиња да се родат. Според нив доаѓањето на приновата не може да се темпира, но на мајките ништо не им значи датумот, тие се среќни кога породувањето е без компликации.
За да секоја четврта година биде престапна, идејата се реализирала со синхронизација на календарската со сончевата година од страна на старите Египќани во 238 година пред новата ера. Подоцна оваа идеја ја презеле Римјаните, кога Јулиј Цезар одлучил ден плус да биде 29 февруари, и тоа секоја четврта година.
Гинеколозите се задоволни што се зад нас е периодот кога многу малку бебиња се раѓаа. Тие сметаат дека постепено се надминува периодот кога наталитетот имаше слаб прираст, а според нив порастот на бројката на новороденчиња се должи на континуираното вложување во кадар и поквалитетни услови за породување.
Владините политики во изминативе неколку години генерално се насочени кон раст на наталитетот, оти нема развој на економија во земјава без луѓе, нема пласман без потрошувачи, училишта без деца, општини без граѓани и најважно нема држава без народ.
Како еден позитивен тренд може да се споредат бројките дека пред 8 години во 2008 година во земјава се родиле 22. 945 бебиња, од кои 2.677 трети деца. Во 2014 родени се 23. 674 од кои дури 3.715 се родени како трети деца. Тоа покажува дека се забележува раст на мајките кои што се решаваат да родат трето деца за 1.038 повеќе отколку пред 8 години, односно тоа е зголемен за цели 39 отсто.
Во просек на Клиниката за гинекологија се раѓаат околу 6.000 бебиња, а во Специјална болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза” во Чаир околу 3.000 бебиња или по десетина во период од едно деноноќие. Во рамките на целата држава во сите приватни и државни клиники изминативе неколку години во просек годишно се раѓаат околу 23.000 бебиња.
Според Државниот завод за статистика во земјава 16.694 жени имаат три или повеќе деца. Тие се имаат стекнато со законското родителско право да примаат одреден месечен надоместок, како и да остварат бенефицирано право за пензија.
Интересен е податокот кој што покажува дека во 2014 година се родиле 159 пара близнаци и четири тројки. Во 2013 година пак на оваа клиника се родиле четири тројки и 129 пара близнаци.
Клиниката за гинекологија во 2014 се родиле околу 5.500 новороденчиња, од кои 1.489 со царски рез, а останатите се дојдени на свет со спонтани породувања.
Анализите на Државниот завод за статистика покажуваат дека во Македонија лани се родиле 23.138 живи бебиња, од кои во градските подрачја се евидентирани 13.259 живородени деца или 57,3 проценти од вкупниот број живородени, наспроти 9.879 живородени деца или 42,7 проценти во селските подрачја. Најмногу од бебињата се родиле во Скопскиот регион или 34,8%, а најмалку во Источниот регион на земјава или 6,7%.
Што се однесува на возраста на мајките, таа во градските средини била просечно 29 години, а во селските 27,4 години. Просечната возраст кај првите раѓања во градските подрачја изнесува 27,6 години, а во селските 25,3 години, што потврдува дека при првото раѓање мајката од селските подрачја е помлада за 2,3 години.
Како што велат од скопската Клиника за гинекологија во 2014 година се родиле 5.782 бебиња од кои 52% или 2.974 се машки деца, а остатокот од 48% или 2.808 се женски деца. На Клиниката за гинекологија во 2013 се родиле околу 5.500 новороденчиња од кои 1.489 со царски рез, а останатите се дојдени на свет со спонтани породувања.
Извор: Медиа.мк