Ако Грција излезе од еврозоната, тоа може да има влијание на трговската размена меѓу Македонија и јужниот сосед, но ако го задржи еврото, и покрај проблемите, трговијата би требало да се одвива со сегашната динамика, вели извршниот директор на Сојузот на стопански комори Митко Алексов во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
При една таква промена за очекување е новата национална валута на Грција да претрпи девалвација од 45, па според некои предвидувања до 85 проценти, значи тоа е сериозна работа. За македонските компании во ваков случај треба да се има предвид дека при девалвација ќе има поевтинување на грчкиот извоз.
Значи грчките производи ќе бидат поевтини при пласирање на пазарот, тоа значи дека постои можност за поголем пласман на грчки производи кои во Македонија би биле поевтини, но во оваа констелација ќе поскапи, така што тоа е и некоја можност и за македонските компании. Значи, доколку одредени производи од ЕУ станат скапи за увоз во Грција, тогаш може и одредени наши производи да бидат конкурентни, односно поевтини за да се пласираат на грчкиот пазар.
Минатата година трговската размена меѓу Македонија и Грција беше околу 894 милиони долари, при што извозот е 227 милиони долари, а увозот од Грција 667 милиони долари, што значи дека имаме трговски дефицит од околу 440 милиони долари.