Откако естрадната мафија се обиде годинава да го осквернави “Скопскиот фестивал” и да фрли дамка врз победата на Даниел Кајмакоски и неговата “Лисја есенски”, според неофицијални извори од истрагата, станува збор за 2500 сим картички од кои се гласало за натпреварувачите со реден број 17 и 20, односно за Викторија Лоба и Димитар Андоновски, пишува порталот Засе.мк.
Осомничената четворка која со измама се обидела преку своите фаворити да добие една од атрактивните парични награди, и тоа 10.000 евра за трето, 15.000 за второ и 20.000 за прво место, веднаш по завршувањето на фестивалот беше приведена на сослушување, а полицијата по упадот на двете локации каде што “ординирале# ги најде и картичките за мобилните како доказен материјал и поткрепа на обвинението за злосторничко здружување и измама.
И покрај добрата организација, фаворитите за кои гласале естрадните дубарџии и нивните продолжени раце не се најдоа меѓу тројцата победници на Скопски, кои се омрсија со по неколку илјади евра.
-Гледам и не можам да поверувам што се случува. Во шок сум. Јас имав преговори со продукцијата „План Б“ да бидам под нејзина закрила, но сето тоа остана само на преговори. Разговаравме за соработка, но остана на можно разгледување и размислување. Зошто се гласало и која е причината, навистина не знам – изјави пејачот Димитар Андоновски за Телеграф.
-Не знам ништо, ниту пак сакам да знам што се случувало синоќа. Прашајте ги тие што освоија награди, не гледам зошто јас би зборувала за тоа, изјави Лоба по завршувањето на фестивалот.