По неколкумесечна потрага полицијата конечно го најде лицето одговорно за дивоградбата кај Мавровка.
Како што информираше МВР утрово во писмено соопштение, станува збор за 34 годишниот М.А од Скопје против кого полицијата поднесе кривична пријава за „бесправно градење“.
„Денеска (01.09.2020) СВР Скопје- Единица за економски и компјутерски криминал до надлежното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против М.А. (34) заради постоење на основано сомневање дека пријавениот е сторител на кривично дело „бесправно градење” по чл.244-а од КЗ на објект бесправно изграден на бул.Гоце Делчев на платото пред ДТЦ Мавровка. Од страна на СВР Скопје- Единица за економски и компјутерски криминал во координација со ОЈО- Скопје беа преземени соодветни мерки и активности во насока на утврдување на постоење основи на сомнение за сторено кривично дело кое што се гони по службена должност по чл.244-а ,, Бесправно градење” од КЗ и по целосно документирање на случајот денеска до ОЈО- Скопје е поднесена соодветна кривична пријава“ – стои во писменото соопштение на МВР.
Решение на проблемот со диво градбата денеска најави и Заев.
-Денеска заедно со правните служби ги разгледавме сите модалитети на многу прашања, а едно од нив е и објектот кај Мавровка, проблем кој пркоси во центарот на Северна Македонија и Скопје и еден пркос за кој со право граѓаните реагираа
Денеска ќе донесеме конкретни одлуки не би сакал однапред да ги кажам бидејќи одлуки носи Владата, а не премиерот, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање.
По неколку месеци институционални игри, Заев денеска вети брзо решение.
-Општина Чаир има записник и решение, но нема компанија да го изврши решението односно да ги спроведе работите за остранување на објектот кој не е согласно законска документација. Штом ќе ја донесеме одлуката ќе ја објавиме и верувам дека многу брзо ќе почнат активностите на терен за да се справиме со ова незаконско дејание што ни се случува дрско пред очите на целата јавност, истакна Заев
Проблемот со дивоградбите особено во средини кои ги управуваат градоначалници на ДУИ не е ништо ново. Се уште нема решение за диво изградената платформа на Матка, а против рушење на дивоградби се изјасни и градоначалникот на Струга.