Граѓаните треба во целост да ги следат и да ги почитуваат мерките за превенција од коронавирусот, според кои, треба да се воведе дополнителна заштита на храната – да не се консумира храна направена од болни животни, да се воведе дополнителна заштита при подготовка на храната – да се користат различни садови и ножеви за подготовка и сечкање непреработена храна и да се мијат задолжително рацете по секоја нејзина подготовка, а при подготовка на месо и јајца тие убаво термички да се обработат, информираат од Министерството за здравство согласно препораките на Светската здравствена организација.
Покрај тоа, треба да се воведе посебна заштита при работа на отворени пазари, односно задолжително да се носат заштитна опрема, ракавици, маски и мантили додека се извршуваат работи со животни или производи од животинско потекло, по употребата целата опрема да се извади и да се пере секојдневно, да се внимава да се заштити семејството од неиспрана работна опрема, да се штити населението од настинки, односно да се избегнува незаштитен контакт со болни (вклучувајќи и допир на уста, нос и очи), како и незаштитен контакт со домашни или диви животни, задолжително и често да се мијат рацете со сапун и вода и тогаш кога не се видливо нечисти или да се користи чистач за раце што содржи алкохол, а при кашлање или кивање да се заштитат устата и носот со марамче или со дланката, а по употреба марамчињата да се фрлаат во затворени канти. При кашлање или кивање, како и при грижа за болни, задолжително да се мијат рацете.
Од Министерството наведуваат дека редовно се следи состојбата и се преземени сите мерки на заштита и превенција.
– Во државава не се забележани сомнителни случаи на коронавирусот, па дури и во препораките за патување издадени од повеќе земји, Република Северна Македонија е ставена во рамките на земјите со вообичаена доза претпазливост при патување. На аеродромот во Скопје е поставена термална камера, имаме стручен медицински тим со кој раководи епидемиолог. Имаме доволно заштитна опрема со која дежурните екипи ќе постапуваат при евентуален транспорт на сомнителен случај, а деновиве ќе пристинат и околу 500 реагенси за испитување на коронавирусот, потенцираат од Министерството.