Краделе пари од пациенти – директорот уапсен (ВИДЕО)


Управата за финансиска полиција поради сомневање за сторени неколку кривични дела поднесе пријава против три лица, вработени во Институтот за медицина на трудот. Лицата се сомничат дека украле поголеми износи на пари од дневниот промет остварен од наплата на пациенти.

По извршениот увид во благајничкото работење и сметководствената евиденција на Институтот, финансиската полиција констатирала дека прометот извршен преку фискалниот апарат редовно се предавал во сметководството, но така извршениот промет и предадените пари на второпријавената Г.И(49) вработена како шеф на сметководството, во целост не биле евидентирани како примени парични средства во благајната на Институтот.

apsenje finansiska policija

-Шефицата на сметководството спротивно на сите сметководствени прописите како примени парични средства во благајната го евидентирала само износот на уплатениот дневен промет на жиро сметката на Институтот кој не соодветствува, односно е значително помал од реално извршениот промет и примените парични средства од шалтерскиот работник кој наплатува на фискалната каса. По спроведената истрага за утврдување на причината за кусокот на 145.000 евра пари од партиципацијата на пациентите, Финансиската полиција утврди дека директорот на Институтот, доктор Д.Б(40) речиси редовно лично или преку неговиот возач ги присвојувал наплатените парични средства од пациентите кои шалтерскиот работник уредно ги доставувал во благајната на Институтот за која одговорни биле второпријавената Г.И(49) и третопријавената В.М(58). При подигнување на парите од благајната, директорот одбивал да потпише било каков документ (каса исплати) под изговор дека парите ќе ги врати за кратко време и дека нема потреба од формалности, соопштуваат од финансиската полиција.

Второпријавената Г.И(49) и третопријавеата В.М(58) наместо да постапат согласно своите работни задолженија и да го спречат или пријават директорот за своето криминално поведение, тие цели три години присвоените парични средства од страна на директорот ги запишувале на обична хартија, поштенски пликови и било каков друг вид хартија кој ќе им дојдел при рака кога директорот си земал од касата на Институтот.

Од увидот во одземените поштенски пликови, обични листови и разни исечоци од употребени документи затечени во благајната на Институтот за трудова медицин, утврдено е дека на истите е запишан вкупен износ од 8.384.208,00 денари присвоени од страна на првопријавениот доктор Д.Б(40).

По извршениот увид во благајната, Финансиската полиција утврди дека второпријавената Г.И(49) не составувала касови, односно благајнички извештаи кои согласно закон била должна да ги изготвува, а за да го затскрие случајот во соработка со Директорот, три години во континуитет изготвувале фалсификувани завршни сметки и истите ги доставувале до Централниот регистар на Република Македонија, со што покрај другите сториле и кривично дело „фалсификување или уништување на деловни книги“.

Мегаломанијата на директорот на Институтот не запрела само на присвојување на парите од благајната на Институтот туку напротив за да ги задоволи своите потреби за кеш, дополнително од паричните средства подигнати од трезорската сметката на Институтот, директорот, докторот Д.Б(40) подигнал дополнителни 723.304,00 денари евидентирани во благајната како аванс, без притоа до сметководството да достави соодветна документација за оправдување на трошењето на овие пари.

Како резултат на криминалот сторен од трите пријавени лица, ЈЗУ-Институт на медицина на трудот е оштетен за приближно 145.000 евра, пари наплатени за извршени услуги на пациентите т.е корисниците на услуги на институцијата.

Финансиската полиција во текот на денот ги лиши од слобода второ и третопријавената и истите во најскоро време ќе бидат изведени пред Судија на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1, додека првопријавениот доктор Д.Б(40) е во бегство и не е достапен на органите на прогон заради што во текот на денот се очекува распишување на потерница за негово пронаоѓање и лишување од слобода.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1