Криминална банда ги испразнила сефовите на познати скопски бизнисмени


Добро позната банда составена од Руси, Украинци и Молдавци лани во ноември за само една недела успеала да испразни десетина сефови на познати бизнисмени во скопските банки, парите и златото исчезнале без трага, а македонската полиција до денеска упорно одбиваше да ја потврди оваа информација, пишува МКД.мк.

Откако пред еден месец побарале потврда за оваа информација, дури денеска добиле одговор, од кој може меѓу редови да се прочита дека полицијата го потврдува овој настан и дека – во тек е истрага.

-Според нашите информации, добро организирана група од неколку странски државјани кон крајот на ноември во добро организирана шема успеала да украде милиони евра и уште којзнае колку килограми злато. Цел на бандата биле сефовите на бизнисмени и лица чии имиња ѝ се добро познати во македонската јавност.Како што дознаваме од наши извори, операцијата за ограбување на сефовите од банките почнала со закуп на сефови од банките. Секој член на групата ограбувачи сосема легално закупил сефови во неколку различни банки во Скопје. Операцијата на криминалната банда траела само пет дена, а по неа со торби полни пари и злато заминале од земјава. Од тогаш за нив нема ни трага, ниту глас, ни од нив, ниту од парите.Полицијата најверојатно има податоци за тоа за кои лица се работи, но не и за тоа каде побегнале и каде сега се кријат- пишува порталот.

Од МВР во врска со овој настан одговориле дека преземените дејства се тајни.

-Во врска со Вашeтo барање за кражби во банки, Ве известуваме дека согласно извршените проверки во 2017 година евидентирани се пет кривични дела и тоа „затајување“ и четири „тешки кражби“ извршени во сеф од банка. Во врска со прашањата за истрагата по горенаведените кривични дела, Ве известуваме дека согласно член 51 став 1 – „правосудната полиција работи по налог на надлежните јавни обвинители“ и согласно член 289 од Законот за кривична постапка во Република Македонија – „сите дејства преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна“, поради што не сме во можност да Ви доставиме податоци. Ве известуваме и дека овие предмети се во надлежност на Јавното обвинителство – се вели во одговорот од МВР до редакцијата на МКД.мк.

 

Во делот во кој се отвораат сефовите, безбедносни камери во банките нема поради заштита на приватноста. Камерите ги снимиле разбојниците кога влегувале и излегувале од просторијата, но сѐ течело според законска процедура, оти тие легално си закупиле сеф во банката. Никој не се посомневал дека, наместо својот, отвораат туѓ, полн сеф и од него си земаат пари и злато и си заминуваат. Тие ја имале и информацијата кои броеви на сефови може да им бидат интересни. Дали имале крт во банките со кои соработувале или пак преку други методи и извори со кои располагале ги добивале податоците, не се знае.Според нашите извори, штетата што до сега била пријавена изнесува од 2 до 3 милиони евра. Но можно е дел од оштетените и да не пријавиле ништо поради можноста за проверка на потеклото на парите.

Македонската полиција за оваа голема операција на организираната група странски државјани помош побарала и од Интерпол. Од таму добиле известување дека се работи за позната банда, која вакви и слични акции вршела насекаде по светот. Полицијата веќе ги знае и имињата на сите можни осомничени, но трага од нив и од парите нема.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1