Кривична за лице кое на премиерот му се заканувало со ликвидација на Фејсбук


МВР соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против лице кое на Фејсбук му се заканувало со убиство на премиерот Зоран Заев. Досега се детектирани шест кривични дела за закани кон претседател на Владата, тие се документирани, со соодветни известувања до Основното јавно обвинителство и обезбедени се наредби до социјалната мрежа Фејсбук.

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, согласно своите законски надлежности, во изминатиот период документираше и процесуираше триесет случаи во коишто, преку социјалните мрежи, на носители на државни функции, им е загрозена сигурноста, како и случаи каде што се злоупотребени нивните лични податоци, соопшти МВР.

„Како покарактеристични случаи се детектирани шест кривични дела за закани кон претседател на Владата на РМ, истите се документирани, со соодветни известувања до ОЈО и обезбедени Наредби до социјалната мрежа Фејсбук. Притоа од посочените шест кривични дела откриено е лице кое се сомничи за сторено кривично дело „загрозување на сигурност“ (казниво по член 144, став 3 а в.в. став 1 од КЗ на РМ), а се однесува на регистирана објава на еден македонски веб портал, по претходно објавена статија на социјалната мрежа Фејсбук, која што во вид на закана е упатена до претседателот на Владата на Македонија. Во случајот осомничениот за кривичното дело е откриен во координација со Секторот за меѓународна полициска соработка, со социјалната мрежа Фејсбук, како и со Интерпол-Берн (Швајцарија) и еден интернет провајдер од Швајцарија. По целосно документирање на случајот против осомничениот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава до надлежното ОЈО“, се наведува во соопштението.

Министерството за внатрешни работи информира дека на ист начин постапува по сите доставени пријави за закани за загрозување на безбедноста и сигурноста на сите граѓани.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1