Куќите ќе бидат ослободени од обврската за енергетска ефикасност


Индивидуалните објекти при реконструкција на фасада да бидат ослободени од исполнување на условите за енергетска ефикасност предвидува амандманот што група пратеници го поднесоа на измените на Законот за градење.

Амандманот на пратениците Лилјана Затуровска и Реџеп Исмаили денеска беше прифатен од Министерство за транспорт и врски на амандманската расправа во собраниската Комисија за транспорт и врски. Амандманот заедно со уште четири амандмани ќе биде разгледан на собраниска седница.

kuka

– Со овој амандман предвидуваме градбите од индивидуално домување да бидат исклучени од обврската за исполнување на условите за енергетска ефикасност при значителна реконструкција, појасни Затуровска.

Со предложените измени на Законот за градење се врши усогласување со Законот за енергетика. Од 1 јануари 2015 година при значителна реконструкција на објектите за колективно домување инвеститорот со документацијата ќе треба да обезбеди и сертификат за енергетски карактеристики. Значителна е реконструкцијата чија вкупна вредност е поголема од 25 проценти од вредноста на градбата, не сметајќи ја вредноста на земјиштето на кое е изградена и трошоците за уредување на градежното земјиште, или пак реконструкција со кое повеќе од 25 проценти од плоштината на обвивката на градбата е предмет на реконструкција.

Покрај ова, на денешната седница беа прифатени и измените на Законот за постапување со бесправно изградени објекти во прво читање со кои меѓу другото се предвидува објектите кои се изградени во заштитен појас на патна или железничка инфраструктура да можат да се легализираат доколку не е предвидено проширување на оваа инфраструктура. Сопствениците на овие објекти сега ќе треба да побараат мислење од јавните претпријатија дали се предвидува проширување на патната или железничката инфраструктура.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1