Две држави на Балканот се пред распад, а три се во голема политичка криза, предупреди денеска министерот за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак, пред дебатата за Западниот Балкан на Советот за надворешни работи на Европската унија во Брисел.
Според Лајчак, тоа е заклучокот од посетата на Високата претставничка на Унијата, Федерика Могерини, на Балканот минатата недела, од каде, според Лајчак, таа се вратила фрустрирана, јави дописникот на МИА од Брисел.
– Ние не можеме на овие балкански држави да им обезбедиме веднаш да станат членови на ЕУ, но мораме да ја убедиме Унијата дека процесот на проширување на ЕУ треба да добие нова динамичност. Госпоѓата Могерини се врати многу фрустрирана од својата балканска турнеја, но за тоа ќе разговараме денеска на министерскиот состанок. Факт е дека Европската унија не е повеќе сериозен партнер на процесот на проширување. Ние се повлековме од Балканот според сите факти, а гледаме какви се последиците од оваа наша позиција. Таму има две држави кои се пред распад, а три држави што се во длабока политичка криза. А, тоа е поради тоа што ние како ЕУ не ја исполнуваме својата улога, предупреди Лајчак, притоа одбивајќи да ги именува имињата на државите што смета дека се пред распад.
Сепак, според информациите од Советот, државите за кои словачкиот шеф на дипломатијата смета дека се пред распад, наводно се Македонија и Босна и Херцеговина, додека за Албанија, Црна Гора и Косово смета дека се во длабока политичка криза.