Албанските партии во Македонија во саботата објавија дека ја усвоиле заедничката платформа, зад која стојат ДУИ, Движењето БЕСА и Алијансата за Албанците, која ќе биде основа на партиите на Албанците во преговорите за формирање на нова влада, и во која се бара албанскиот јазик да добие статус на официјален, економска рамноправност, со учество на албанските партии да се реши спорот за името со Грција како наводен услов за интеграции во Европската унија и НАТО, но и непристрасна работа на Специјалното јавно обвинителство, и редица други барања, меѓу кои и осуда на „геноцид врз Албанците во Македонија“.
„Време е во прв план да се постават најгорливите прашања кои ги засегаат сите етнички заедници во оваа земја, а тоа се социјалните права. Ваквите заложби немаат ништо суштинско, односно само создаваат привид дека некој се бори за нешто, додека реалноста е спротивна. Ваквата реторика им одговара само на интересите на богатите кои преку подгревање на национализмот кај сите етнички заедници се обидуваат да го одвлечат вниманието од суштинските проблеми, а со тоа да спречат надетничко обединување на народот кое би ја загрозило нивната привилегирана положба во општеството“, се истакнува во изјавата на Левица.
Според нив време е во преден план да бидат ставени вистинските проблеми на граѓаните, и оценуваат дека не се возможни разговори за што и да е друго, кога отсуствуваат услови за достоинствен живот, кога голем дел од граѓаните се угнетувани и експлоатирани.