Слаѓана Ѓорѓевиќ од Алексинац тврди дека Момчило Антанасковиќ, заменик претседателот на собранието на општина Алексинац, инаку функционер на партијата Јединствена Србија, со која бил осум години во љубовна врска, ја претепал со метла.
Причина за несекојдневната пресметка, како што наведува Слаѓана, се сомнежите на политичарот дека таа веќе подолго време му се одмаздува зошто не ја вработил во општината.
Антанасковиќ признал дека се скарал со неа, но негирал дека ја удрил. Полицијата соопшти дека против локалниот политичар поднела прекршочна пријава.
Осум години во врска
До судир, кој кулминирал со кревање метла, дошло во средата пред куќата на Антанасковиќ во алексиначкото село Вукашиновац.
– Ние двајца осум години сме во љубовна врска. Тој е угледен политичар, па ми ветуваше дека ќе ми најде работа зошто јас сум разведена и самохрана мајка. Ми помогна да се вработам во општината, ама пред три години добив отказ, и тоа благодарение на него зошто повеќе не ме сакаше. Го молев да ме врати, но тој почна да ме малтретира, раскажува несреќната жена.
Таа наведува дека во среда вечерта дошла до неговата куќа.
-Го повикав да излезе за да расчистиме зошто слушнав дека раскажува како постојано му правам проблеми. Тој излета со метла и почна да ме удира, и тоа пред очите на мојата 15-годишна ќерка која беше во мојот автомобил. Целата бев крвава, речиси се онесвестив но успеав да повикам полиција и да го пријавам- раскажува Слажана за српски Курир.
Антанасковиќ бил сослушан во полицијата при што против него е поднесена прекршочна пријава.
-Ми рекоа дека моите повреди биле лесни, па нема основа за негова кривична одговорност. Затоа во алексиначкото обвинителство поднесов приватна кривична пријаза за нанесување телесно повреди. Устата ми е расцепена, имам скршен заб, модринки по целото тело, а доживеав и психичка траума, вели претепаната жена.
Му било запалено сеното
Антансковиќ не негира дека се скарал со Слаѓана, но тврди дека не ја тепал.
-Не е точно дека сум бил во љубовна врска со неа. Таа едно време работеше во општината. Не беше во постојан работен однос и остана без работа кога и истече договорот. Си замислила дека сум ја избркал и оттогаш постојано ми прави проблеми. Минатата година врз колата имаше истурено киселина, на мојот син му беше запалено сеното, потоа имаше лепак на мојата столица во канцеларијата, а имам основа да се сомневам дека зад тоа стои таа. Вечерта се појави пред мојата куќа, беше непријатна па ја оттурнав. Можно е да се повредила кога влегуваше во возилото, но јас не ја пипнав, рече Антанасковиќ.
Драган Марковиќ Палма кој е претседател на ЈС, од новинарите слушнал дека неговиот функционер претепал жена.
-Немам поим за што се работи. Навистина не можам да разберам – вели изненадено Марковиќ.