Мајка создала апликација за синот да не ѝ ги игнорира пораките


Една мајка од Хјустон креирала апликација за паметен телефон за да го натера синот-тинејџер да ѝ одговара на пораките и на повиците.
За родителите на тинејџерите може да биде фрустрирачко, дури и застрашувачко ако не знаат каде им се децата. Тоа што ќе им дадат мобилен не мора да значи дека ќе им одговорат на повикот. Затоа Шерон Стендифирд ја креирала апликација „Игнор ноу мор“, која децата не можат да ја игнорираат.

– Постојано бев загрижена или фрустрирана кога децата не ми одговараа на повиците и на пораките – вели Стендифирд.

aplikacijaОткако сфатила дека се безбедни, но дека свесно ја игнорираат, добила идеја.

– Ми требаше апликација што целосно ќе им го блокира телефонот за да не можат да го користат. Седнав на Интернет и буквално почнав да истражувам како се развива апликација – објаснува Стендифирд.

Апликацијата дава можност да се избере бројот на детето, да внесе код од четири знаци за заклучување и неговиот мобилен целосно се затвора. Единствено што му останува е да ѝ се јави на мајка си или на некој од другите броеви во листата што ја составила таа за да ја добие шифрата за одблокирање. Дури и да е блокиран телефонот, бројот за итни повици 911 во секое време му е достапен.

– Ги блокира сите други контакти, не може да се приклучи на Интернет, не може да игра игри – додава мајката.
Нејзиниот син-тинејџер Бредли вели дека апликацијата е добра идеја, но не за него, туку за други луѓе. Сепак, мајка му вели дека апликацијата дејствува, зашто тој сега многу побрзо од претходно ѝ одговара на повиците и на пораките.

Сопругот на Шерон, пак, вели дека воопшто не е изненаден од тоа што го направила таа. Шерон служела во Заливската војна, се искачила на врвот на Килиманџаро, па развивањето мобилна апликација за неа било само уште еден предизвик.

– Сѐ што ќе науми, остварува – вели Вилијам Стендифирд.

Шерон работела на апликацијата неколку месеци, соработувала со професионалци, но и самата одработила голем дел. „Игнор ноу мор“ засега е достапна за телефони што користат оперативен систем Андроид и чини 1,99 долар. Во моментов се работи на верзијата за „ајфон“.

 

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1