Маката ме натера од угостител да станам овчар


Од долгогодишен угостител, прогласен за технолошки вишок, станав овчар. Но, наместо да седам без работа, да кукам и да пцујам, како што прават многу помлади од мене, јас и како овчар чесно заработувам за живот за мене и за мојата фамилија. Ова го кажа 60-годишниот неготинец Ангел Димов.

B038A7B6F932AD42AE65A9C34D325C50– Со околу 27 години работен стаж останав без работа. Сумата што ја добивам како технолошки вишок е мала за прехранување на моето тричлено семејство. Но, не седам со скрстени раце. Во изминатите тринаесетина години работев како ѓевречар, говедар, овчар… Подобро ми е да пасам овци отколку говеда, оти говедата ми бегаат и се кријат во шумата, не можам да ги приберам. Ќе го работам ова уште некоја година додека ме држат нозете, додека да добијам пензија. Тогаш ќе си ја одморам душата – раскажуваше Димов и постојано додека зборуваше внимаваше овците да не му се изгубат во маглата.

Тој признава дека сточарската работа понекогаш тешко му паѓа, оти, сепак, најголемиот дел од животот го поминал во градот и никогаш не бил сточар.

– Но, маката ме натера на стари години да учам да молзам овци, иако морам да признаам, не сум баш највешт во таа работа. Но, човек се учи додека е жив – коментира Димов објаснувајќи ни каде е патот од градскиот парк во Kавадарци до месноста Моклиште, за да не се изгубиме во јануарската магла, поради која видливоста беше намалена.

Димов ни рече дека најтешко му паѓа што е сепак одделен од фамилијата, од сопругата и од синот, но дека се жртвува за нивната и за среќата на другите три деца и нивните семејства.

– Kај овој газда секој месец имам по три слобони дена. Но, кога работев сточар на планината Бистра, не си одев дома и по шест месеци. Таму пасев по околу 1.000 овци сосема сам. Наутро станувам околу пет и пол, пијам кафе, го проверувам стадото, па го носам на паша. Работните обврски ми завршуваат околу 19 часот, кога одам на спиење. Се случувало да помагам при јагнење, понекогаш мора некое јагне да го привикнам да цица млеко од мајка си ако та не може самото – раскажа Димов за своето сточарско искуство.

Тој кажа дека говедарите и стоачарите заработуваат најмногу до 20 илјади денари. Зависно од големината на стадото за кое се грижат.

– Сегашниов газда ми обезбедува јадење, превоз кога си одам дома, тутун за да виткам цигари и да пушам во слободното време. Не се жалам. Можеби некои живеат поубаво, но има и такви што имаат многу полоша животна судбина од мојата – нагласи тој.

целата сторија на Дневник

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1