Симона Попоска атрактивната пејачка којашто е дел од дуото “Саунд Месинџерс” заедно со диџејот Ерик Фокс, деновиве сними нова самостојна песна на македонски јазик. Станува збор за нумерата “Не е најдобро”, за која направи и видео запис.
“После макфестовската “Како да заборавам” повторно снимив песна на македонски јазик која е дело на Зоран Алексиќ. Снимивме и спот, во изработка на докажаните “Томато продукција”,снимањето помина одлично во многу позитивна атмосфера и едвај го чекам крајниот резултат, вели младата пејачка. Дека задоволството од оваа соработка е обострано го докажува и фотографијата што Бане-Томато ја постирал на фејсбук под која ја нарече македонската Анџелина Џоли.
За стајлингот во видеото се погрижила креаторката Александра Митковска, а за шминката и фризурата заслужни се вештите раце на стилистот Бобан Тодоровски.
“Мојот стилист Бобан, како и секогаш, повторно е задолжен за мојот изглед. Тој знае што сакам, одлично соработуваме, ме следи на сите мои настапи и јас потполно му се препуштам, додаде Попоска.
Песната за десеттина дена ќе биде промовирана во музичкиот етер заедно со видео записот.
Паралелно Симона и Ерик работат и на песните на англиски јазик, во моментов се актуелни со хитот “Endless love” за која исто ќе се снима спот.
Снимија и нова заедничка фотосесија со фотографот Јанус Т, а се доста активни исто и со нивните настапи по ноќните клубови и денските шеми во кафулињата во Скопје и низ цела држава.