Македонскиот професор и научник Горазд Росоклија е дел од тимот на научници при Медицинскиот центар на универзитетот „Колумбија“ што има значајно откритие за причините и потенцијален лек против аутизмот.
Во истражувањата учествувале 17 научници, а самото истражување е објавено во интернет-изданието на списанието „Неурон“. За наодите од нивното истражување текстови се објавени и на веб-страницата на универзитетот под наслов „Децата со аутизам имаат повеќе синапси во мозокот“ (Children with Autism Have Extra Synapses in Brain) и во еден од најтиражните американски дневни весници „Њујорк тајмс“.
Росоклија на својата фејсбук-страница има наведено дека е коавтор на научната публикација што е изработена со негова техника, додавајќи дека универзитетот „Колумбија“ ја патентира на негово име како прв автор и на колегата Андреј Ј. Дворк. Тој исто така наведува дека за нивниот наод кај аутизмот пишува и „Њујорк тајмс“, највлијателниот дневен весник, а на крајот ги има наведено имињата на сите што учествувале во истражувањето.
Децата и адолесцентите со аутизам имаат вишок синапси во мозокот, што се должи на забавување на еден процес што е дел од развојот на нормалниот мозок и е наречен „отстранување“. Ова го утврди истражувањето што го направија невролозите од Медицинскиот центар при универзитетот „Колумбија“, пишува на својата веб-страница оваа високошколска институција.
– Бидејќи синапсите се точки каде што невроните се поврзуваат и комуницираат едни со други, прекумерниот број на синапси може да има длабоки ефекти врз тоа како функционира мозокот. Научниците откриле и лек со кој се враќа во нормална синаптичка работа мозокот на глувците што имаат однесување како луѓето со аутизам дури и кога лекот се дава откако ќе се појават симптоми – е наведено во написот.
Истражувањето било направен на ткиво од мозокот на децата и адолесцентите што починале на возраст од 2 до 20 години. Притоа, околу половина од нив имале аутизам, а другите не. Истражувачите од Колумбискиот универзитет ја проучувале внимателно површината на темпоралниот лобус на мозокот важен за социјалното однесување и комуникација. Со анализа на ткивото на проучуваните мозоци, научниците броеле „спини“ (мал неврон што добива сигнали преку синапсите) и пронашле повеќе спини кај децата со аутизам.
Тие исто така откриле дека на помлада возраст бројот на спини не се разликува значително помеѓу двете групи деца, но адолесценти со аутизам имале значително повеќе од оние без аутизам. Типичните 19-годишници имале 41 отсто помалку синапси од мали деца, но оние во доцните тинејџерски години со аутизам имале само 16 отсто помалку синапси од млади деца со аутизам.
– Едно дете со аутизам што имало само 3 години кога починало имаше повеќе синапси од кое било друго дете без аутизам на која било возраст – рекол Дејвид Сулцер за „Њујорк тајмс“, невробиолог и истражувач на студијата.
Нова Македонија