Кристоф Најдовски, чии родители имаат македонско потекло, е кандидат за градоначалник на Париз, на изборите што ќе се одржат на 23 и на 30 овој месец.
Најдовски ја предводи листата на партијата на Зелените. Неговите родители во 1968 заминале од родната Битола и се преселиле во Париз, каде една година подоцна, во 1969 се раѓа тој. По матурирањето студирал економија, а во 1993 година станува член на Партијата на зелените.
Во интервју за весникот Дневник, правејќи паралела помеѓу Париз и Скопје тој вели дека двата града ги имаат истите проблеми, загадување на воздухот, проблеми со јавниот превоз, како и во соживотот меѓу граѓаните од различно потекло. Но, метрополата на Франција е богат град со 400 милиони евра буџет и големи социјални разлики меѓу луѓето, објаснува Најдовски
Најдовски е единствен политичар во Франција што се кандидира за толку висока функција, а можеби и во Западна Европа, кој е со потекло од Македонија
Во политиката, која не е негова професија, како што посочува, влегол „преку екологијата“, сакајќи да биде „актер, а не гледач“. Тој и партијата Европа Зелени Екологија има тесни контакти со пријателите од македонската политичка партија ДОМ, која има статус на набљудувач во Европската партија на Зелените.