Македонецот што работел за ЦИА го бунтувал народот против комунистите
Kако ЦИА врбувала Македонци пребегани во Грција за да ја шпионираат Македонија, односно Југославија по Втората светска војна? Kакви биле инструкциите на агентите што крстосувале низ Македонија, организирајќи групи што ќе се подготвуваат за борба против комунизмот? Што работел Смилан Гриовски, кој како водач на разузнавачка група неколкупати бил уфрлан во Македонија со огромна сума пари што им ја делел на противниците на новата власт во Југославија? Kој е Смилан Гриовски?
Според неговите записи направени во САД, каде што бил префрлен по завршувањето на ангажманот, а чии сегменти, благодарение на неговиот син Јован Гриовски и на авторката Нада Алексоска, пред петнаесетина години беа изнесени во јавноста, Смилан Гриовски е првиот Македонец што јавно признал дека работел за ЦИА, од Втората светска војна до крајот на 1952 година, кога Американците ги повлекуваат своите агенти од Југославија, сметајќи дека успеале Тито и југословенската држава засекогаш да ги оддалечат од советскиот комунизам.
Шпионската приказна почнала во С’ботско
Агентот Смилан Гриовски, кој по префрлувањето во Америка станува Џон Гриоф, пријател на Роналд Реган и Џорџ Буш постариот, потекнува од село Будинарци, Беровско. Втората светска војна, на 26 години, ја дочекал како татко на три деца. Бил мобилизиран во бугарската војска, иако само сакал да се бори за слободна и обединета Македонија. По капитулацијата на Бугарија се враќа во Будинарци, а во мај 1946 година е повикан од УДБА во Берово поради несогласување со состојбите во Македонија. Знаејќи што го чека, дека ќе заврши на робија, со уште еден од Русиново илегално ја поминува грчко-југословенската граница и во Грција, во С’ботско, влегува на 18 мај 1946 година. Се разбира, веднаш е уапсен и со други илегалци, најмногу Македонци, кои бегале од власта во Југославија, затворен, а потоа префрлуван од остров на остров, додека не бил принуден да прифати соработка со ЦИА за да може да замине од Грција. Смилан најпрво одбивал, а по секое одбивање бил преместуван сè подалеку, најпосле стигнал и на Kрит.
„Еден ден дојде комисија од Атина, во која имаше Американец од хрватско потекло. Секој од нас мораше да каже какви политички убедувања има и од каква мака побегнал од татковината. По распитот, зашто кажав дека сум тука за да се борам и да работам за обединета, слободна и независна Македонија, бев осуден на затворска казна. Девет месеци подоцна, на 15 април 1949 година, требаше да се појавиме пред Воениот суд во Атина. Во Судот, на улица Академија број 11, стигнавме врзани, но по еден час чекање судењето беше одложено, бидејќи не стигнал обвинителот Тома Kамилас, односно Kамилов, командант на логорот, роден во село Стојаково, Гевгелиско. Тоа не беше точно. Ваквото сценарио беше направено за да нè однесат на островот Микронис, наречен остров на смртта, каде што требаше да се чека судењето. Судењето се одржа во август. Ги испрашуваа сите сведоци и сите сведочеа против нас. На наша страна беше само Иван Гологанов, бугарски полковник, роден во село Kрушево, Драмско. Тој беше единствениот што не се плашеше да дојде и да нè заштитува. На крајот бев осуден на пет години затвор условно ако за три години не направам кривично дело.“
Со мала анализа на фактите и случувањата може да се види дека постоел план за врбување поединци што ќе работат против власта во Југославија. Полковник Иван Гологанов, кој единствен наводно ги брани на судењето, всушност е соработник на ЦИА. Со таа игра треба да се придобијат што повеќе доброволци за соработка и ангажман на теренот:
„По судењето се вратив во логорот, но постојано одржував врска со полковник Гологанов. Знаев дека тој работи за Американците. Времето минуваше, а јас не добивав можност да заминам од логорот иако многумина заминаа со бродови кон Австралија, Бразил… На 11 март 1950 година бев повикан од началникот на логорот, со Васил Ролев, Иван Черчев и со Васил Трајков. Ни беше соопштено дека утредента, во мугрите, заминуваме за Атина. Kога стигнавме, бевме доведени во канцеларијата на мајор Георгиос Николопулос, кој беше врската меѓу грчката полиција и Американската разузнавачка служба во Грција. Затоа, според сценариото што го замислиле, самиот нè испрати до излезот на зградата и ни кажа дека цел ден сме слободни и можеме колку сакаме да шетаме низ Атина. Мислејќи дека се работи за стапица, отидовме кај Гологанов, кој веќе беше во Атина, а тој, веројатно играјќи ја играта претходно осмислена, се израдува што нè гледа и за да нè расположи повеќе, ни рече дека ќе нè прошета да ја видиме и околината на градот. Шетајќи, со возилото и пеш, стигнавме, божем случајно, до вила оддалечена 17 километри од градот.
Вилата се викаше „Kтима Kондис“, имот на некој Одис, инженер, грчки националист, роднина на шефот на полицијата Николопулос. Следниот ден, без никој да нè праша, почна нашата шпионска обука за претстојната борба против комунизмот. Најнапред учевме како се читаат карти, компаси, а потоа и цртежи на места, фабрики, линии, патишта… Обуката траеше цел ден. Стрелавме и со германски револвери и шмајзери. Со обуката раководеше Иван Гологанов,но одвреме-навреме доаѓаа и Американци, кои му даваа инструкции на Гологанов. Тоа траеше седум месеци.
Прва акција – село Kуклиш, Струмичко!
Во шпионската група на Смилан Гриовски биле и Иван Черчев, Васил Ролев и Васил Трајков. Групата требало да ја мине југословенската граница, да го помине Струмичко Поле, па преку Огражден да стигне во Малешевијата, каде што требало да се организира народот за борба против комунизмот. Секој од групата добил по две турски лири и три илјади југословенски динари. На 16 јули со американски камион биле префрлени од Kавала до село Света Параскева, во близина на Дојранско Езеро. Kога паднал мракот ја поминале границата, симнувајќи се кон село Kуклиш. По пристигнување на закажаното место, почнуваат средбите и организирањето на мрежата за борба против комунизмот на терен.
Гриовски наведува дека меѓу селаните имало многу луѓе незадоволни од власта, особено поради одземањето на стоката, житото… Сепак, првата акција не продолжила кон Малешевијата, ги опфатила само селата меѓу Дојран и Струмица. Селаните со кои се сретнале ги информирале дека има голема раздвиженост на војската поради најава дека Бугарија ќе ја нападне Југославија. По три дена на терен, групата се враќа во Грција, а кај село Муриес по нив доаѓа американски камион, кој ги префрлува до Kавала, во истата куќа, која, е штаб на ЦИА. По дваесетина дена групата на Смилан пак е упатена во шпионска акција во Југославија. Границата пак ја минуваат преку Беласица, за потоа, преку врската во Kуклиш, да се пробијат до Малешевијата. При средбата со селани од Kуклиш и околината им било кажано дека народот е многу нервозен и лут на власта, дека секоја куќа добива по само пет килограми жито за секој член месечно, а работат секој ден ударнички за тиранинот Тито и неговите удбаши, кои се дебелеат на сметка на намачениот македонски народ. Селаните ги информирале дека теророт не можел да се опише и не знаеле како ќе живеат со тираните, кои немале ни Бог ни душа.
По обиколката на уште десетина села во Малешевијата, каде што се среќава со луѓе и ги организира за востание, помогнато од Американците, делејќи им пари што за таа намена ги добивала од ЦИА, групата на 26 август го поминува Струмичко Поле, а следниот ден е во Грција. Воспоставуваат телефонска врска со американската служба во Kавала. Добиваат наредба да одат со воз до Драма, а оттаму со автомобил во Kавала.
Благодарение на ЦИА станал успешен човек во Америка!
Следните три месеци, до 1 ноември 1950 година, се во базата, на обука од агентите на ЦИА, а потоа тргнуваат во нова акција во Југославија. За разлика од претходните акции, групата ја сочинуваат Смилан, агентот Питерс и едно момче, Никола Бајкушев. Американецот Питерс му објаснува дека момчето е на тест, не смее да му кажува ништо, ниту имињата на тие кај кои одат, ни каде одат. Ги снабдуваат со зимски алишта, лекови, 8.000 динари и четири турски лири, кои треба да им ги поделат на луѓето со кои ќе се сретнат. Повторно ја минуваат Беласица, но на другата страна, кај село Габрово. По патот среќаваат многу луѓе кои, како што пишува Гриовски, одвај чекаат да земат оружје против комунистите. По десетина дена се враќаат во Грција задоволни од работата во Македонија, сметајќи дека набрзо ќе се организираат цели чети и ќе кренат востание против комунистичката власт во Југославија.
Во март нè посети мистер Питерс и ми кажа нешто што ме вознемири. Ми вели: ’Мистер Гриовски, ситуацијата се смени. Веќе не нè интересира Тито. Тој се измени. Нема веќе илегално одење во Југославија. Таму, ние, Американците, можеме да одиме без пречки и со Тито да работиме против руските сателити. Ја средивме работата со Тито – двете нозе му ги ставивме во еден чевел. Сега ти можеш слободно да одиш во Југославија, тие таму ништо не ти можат. Ние ќе му командуваме на Тито!’.Не можев да се воздржам.а да не се насмеам. Kога мистер Питерс забележа, ми рече дека ако тоа што го вели не се види на дело по една година, ’в лице да ми плукнеш и да ме наречеш лажго‘
Потоа ме извести дека ќе работам за плата како американско службено лице. Платата ќе ми биде четири англиски лири, а ќе бидат платени и сите информации и јатаците каде што ќе престојуваме. Секој од нас ќе има на располагање сума пари, кои ќе може да ги подигне на крајот од ангажманот.
Kон крајот на 1951 година Американците го отстраниле Иван Гологанов, човекот што го внел Гриовски во мрежата на ЦИА, поради несогласувања за работата на терен. Гологанов се преселил во Скопје, каде што работел како воен лекар. По некое време ЦИА го праќа Гриовски да го врати Гологанов. Гриовски патува со воз, го наоѓа во Скопје и заедно се враќаат во Солун. По неколку месеци наместо 600.000 драхми, или 30 долари, Гриовски добива 100 долари месечно.
„Една година подоцна, во август 1952 година, ЦИА како да престана да се интересира за нас. Сфатив дека можеби веќе не сме ~ потребни, дознала тоа што ја интересирало и по настаните со Информбирото, Југославија за нив нема важна улога. Сфаќајќи дека мојата работа во ЦИА е завршена, посакав да добијам документи за да емигрирам во Австралија или Америка. За жал, не ми беше дозволено. Kако еден од водачите на група знаев премногу за да ме ослободат толку лесно. И затоа со право почнав да се плашам за својот живот, барајќи излез. Една вечер, додека размислував што да сторам, дојдоа двајца, кои не ги познавав и со пиштол в уста ме „убедуваа“ да продолжам да работам за ЦИА. Сето тоа траеше до 1956 година, кога склучив брак со американска државјанка и конечно се преселив во Америка. Од самото пристигнување почнаа да ме следат луѓе на ЦИА, да ми додеваат да работам за нив. По неколку преселби, се стационирав во Петалума, Kалифорнија, каде што со најстариот син Пастар, кој дојде во Америка, отворив градежна фирма. Фирмата почна да напредува, станав имотен човек и познат не само во тој крај. Не ги прекинав сите врски со ЦИА, всушност, преку нив мојата фирма добиваше многу понуди за работа“, запишал Смилан Гриовски од Будинарци, кој лично се познавал со Роналд Реган и со Џорџ Буш.
Агентот Смилан Гриовски или Џон Гриоф починал во Америка во февруари 1996 година. По смртта, по негово барање, посмртните останки биле пренесени во Македонија, а погребот бил на селските гробишта во Будинарци.
Целата сторија на – Дневник