Македонија пошумена со три милиони дрвца


Под мотото „Засади успех“ денеска на повеќе од 100 локации на целата територија на Република Македонија се одржа 16-тата акција „Ден на дрвото-засади ја својата иднина“ на која се засадија три милиона дрвца на 930 хектари земјиште.

Мото на годинашната акција „Засади успех!“ е да се потсети на мотивите, почетоците, развојните фази и резултатите на акциите, кои започнаа пролетта 2008.den drvo

Како што информираат од Граѓанското здружение „Ден на дрвото- засади ја својата иднина!“ во рамки на акцијата ќе бидат засадени и 7.000 леандри покрај автопатот Гевгелија-Смоквица и 3.000 чемпреси покрај другите автопати низ државата. Од Македонски шуми, за сите општини во Република Македонија се обезбедени уште 67.000 дрвца.

Главната ло9кација за засадување во скопскиот регион е населеното место Брњарци, каде координаторот од здружението на граѓани „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“ Весна Зарезанкова рече дека е предвидено да се засадат 70.000 садници и тоа од зимзелени и листопадни видови на површина од околу 45 хектари.

Градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски посочи дека годинава на територијата на општината садници се садат во Паркот на природата Гази Баба и во населеното место Брњарци, каде во соработка со „Македонски шуми“ се подготвени околу 22 хектари површина на која е планирано да се засадат 40.000 садници, а во следните неколку денови вкупно ќе бидат засадени 70.000 дрвца.

Трајковски апелираше до сите граѓани и институции заеднички да се потрудат овие дрва да се зачуваат и да не се оштетуваат, како и да се придонесе за нивна заштита, затоа што само така може да се изгради почиста и поздрава животна средина.

Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски рече дека градот е активно вклучен во реализацијата на 16-тата акција „Ден на дрвото-засади ја својата иднина“ на повеќе локации – во Паркот на природата „Гази Баба“, во Парк шумата Водно и во селото Брњарци.

– Поголемо внимание треба да се обрне и по засадувањето, во следните неколку години, да се грижиме за овие дрвца да можат да растат. Ние си земаме обврска во текот на летниот период овие дрвца да се полеваат, одржуваат и чуваат за по три-четири години откако ќе почнат да растат да можат сами од себе да се развиваат, нагласи тој.

Вработените во МЕПСО денеска, исто така, се вклучија во акцијата и организирано на повеќе локации низ земјава во Скопје, Битола, Штип, Неготино и низ други градови засадија повеќе од 500 садници.

Директорот на подружницата Оператор на преносна мрежа при МЕПСО Ацо Ристески рече дека за одржување на далекуводните коридори компанијата секоја година согласно програмата мора да расчистува шумски појаси.

– Наша цел е преку учество во оваа акција да засадиме барем тројно повеќе дрва од тоа што мораме да исечеме, со што ќе го дадеме нашиот придонес во обновување на шумскиот фонд, истакна Ристески, додавајќи дека МЕПСО секогаш ја поддржува оваа акција, а така ќе продолжи и во иднина.

Директорот на „Караџица“ Скопје Анѓеле Спироски рече дека над селото Брњарци се садат садници од широколисни видови дрвја, претежно даб, багрем, јавор, јасен и дел чемпрес, додавајќи дека локациите за садење се одредуваат согласно параметрите и условите на терен, климатските фактори, делот на рељефот и педолошките услови.

Во акцијата со засадување дрвца на различни локации во Македонија се вклучија премиерот Никола Груевски во ТИРЗ Прилеп, вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски во парк шумата Гази Баба,  министерот за одбрана Зоран Јолевски во кругот на Воено медицинскиот центар во Скопје, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков посади дрвце на локалитетот Манковица, десет километри од Кратово, министерот за здравство Никола Тодоров во Виница…

Кампањата беше подржана и од средношколците од градот Скопје, кои заедно со иницијативата „Денот на дрвото“, континуирано засадуваа дрвца во училишните дворови и ја озеленуваа својата средина. Според организаторите на акцијата, ваквото наменско и планирано засадување има повеќекратни ефекти и далекусежни благодети, не само за озеленување на дворовите на училиштата, туку и за едукација и поттикнување на еко-свеста кај младите.

– Акцијата, чиј идеен творец е маестро Борис Трајанов, во 2008 поведе група ентузијасти кон засадување нова еко-иднина и поттикна формирање Граѓанско здружение „Ден на дрвото – засади ја својата иднина!“, кое веќе осум години успеа граѓаните на Македонија да ги поведе во нови успешни акции, истакнува организаторот

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1