Македонија пребогата со чудесниот минерал


Североисточна Македонија може да се прероди благодарение на изобилството со зеолити – вулкански минерали, кои во светот с` повеќе се користат во земјоделството, градежништвото, медицината, заштита на околината итн. Соседните Србија и Бугарија последниве години направија бум на социјалните мрежи, промовирајќи ги неверојатните перформанси на зеолитот, кој се именува како чудесен минерал, еколошки најчист материјал на планетата, итн. Наоѓа примена во илјадници производи, но најголемо внимание предизвикува со големите можности во медицината, поради тоа што е најмоќен познат антиоксиданс и ги неутрализира слободните радикали. Луѓето с` повеќе го консумираат како лек за многу болести и за детоксикација на организмот, а се продава како „додаток во исхраната“. За својствата на зеолитот говори и фактот дека по чернобилската катастрофа за отстранување на изотопите на цезиум и стронциум во областа се потрошени 500.000 тони зеолитизирани карпи.

mineral makedonijaKај нас засега се експлоатира на две места, а се употребува само како суровина за цементната индустрија или за посипување патишта во зима. Со испитувањата што се вршат на повеќе факултети, детаљно ќе се утврди кои видови зеолити ги има во Македонија. Постојат 40 вида природни зеолити и 150 синтетски.

– Kај нас засега е утврдено дека го има столбот. Оној што се користи за лекување е клиноптилолит, но засега не е детектиран. Очекуваме дека го има и кај нас, затоа што иста е вулканската маса како во Србија – вели проф. Соња Лепиткова, геолог и државен секретар во Министерството за животна средина.

Материјалот кој е најден, според Лепиткова, покажува висок квалитет, кој може да се искористи во земјоделството, сточарството, во извлекувањето тешки метали и други загадувачи од почвата, во градежништвото.

– Главно засега го лоциравме во Осоговскиот вулкански комплекс, Kратовско-злетовската вулканска област, Ранковце, Чешиново-Облешево и Пробиштип. Има активни рудници во Облешево и во Сртмош, каде што засега суровината се користи во цементната индустрија и за посипување патишта, затоа што има и термички квалитети и спречува замрзнување. Тоа досега е примената, а можностите се огромни. Ја олеснува размената на влагата, подобар е од системот „капка по капка“ и може да се применува во градинарството, полјоделството, овоштарството, лозарството, хортикултура итн. Холандија, која е високоразвиена земјоделска земја, масовно го користи. Ако го употребуваме во градинарството, може да сметаме на заштеди на вода и на енергија. Решетката на зеолитите овозможува од почвата да се извлечат загадувачите, а во почвата враќа корисни минерали, калиум, натриум итн. С` уште не е доволно истражен за пошироката примена во фармакологијата, како полнење лекови, што веќе се прави во некои земји. Луѓето го користат за извлекување на токсините од организмот, кои денес се најголеми предизвикувачи на болести. Предизвик ни е да го истражиме докрај – објаснува Лепиткова.

Досега македонскиот зеолит е испитуван на Технолошки и Градежен факултет, а наскоро ќе се испитува и во лабораториите на Ветеринарен факултет.

– Идната недела ќе правиме рендгенска дифракција за да се утврдат дополнителните својства и детаљната структура во решетката. Мексико гради цели градови од вакви материјали, а императив на градежништвото на 21 век е да се користат природни материјали за заштита на здравјето на луѓето – вели Лепиткова.

Таа вели дека ова наше новооткриено богатство може да биде голема шанса за развој на регионот. Зеолитите се евтин материјал, лесно се ископува со површински копови и лесно се преработува.

– Сакаме да видиме дали може да се искористи за чистење загадени места, како на пример, околината на „Окта“, каде што очекуваме зеолитите да ја извлечат нафтата од почвата. Може да се користи и како филтер за пречистување на водата, за сушење житни култури, за деконтаминација на радиоактивни подрачја. Формиравме Геолошки завод, имаме Закон за иновации и сега и фирмите можат да се вклучат во истражувањата, па ова е навистина голема шанса за сите. Kорисните работи мора да ги ставиме во функција на животот – вели Лепиткова.

Успешно лекува рак

– На Институтот „Руџер Бошкович“ во Загреб се вршени претклинички испитувања на употреба на зеолит. Kај пациенти заболени од рак е забележано подобрување на состојбата, а во одредени случаи и целосно излекување по употребата на зеолити. Позитивни резултати од примената на зеолит за различни здравствени проблеми се добиени со истражувањата спроведени во Австрија и Германија – се вели во трудот „Зеолити и нивна употреба“, од проф. д-р Тена Шијакова-Иванова, проф. д-р Војо Мирчовски и проф.д-р Виолета Стефанова.

Според нив, зеолитите хојландит, клиноптиолит и хабазит во медицината се користат како детоксиканти, како антибактериски препарати, во хемодијализата, за неутрализација на желудочни киселини, за запирање акутна дијареа. Зеолитите, поради антиоксидантските својства, ги врзуваат слободните радикали во организмот, кои се големи предизвикувачи на болести, а важат и за имуностимулатори. Ги намалуваат болките во мускулите, се користат за лекување животни. Ги неутрализираат микотоксините.

Светското годишно производство на зеолити е околу 4 милиони тони, од кои 2,6 милиона тони се искористуваат во Kина за производство на бетон. Светски лидери во производство на зеолити се Австралија, Азија, Источна и Западна Европа. Само 1 отсто од светското производство потекнува од Северна Америка. Се произведува во Јордан, Јапонија, Турција, Словачка, Бугарија, Србија, Грција, Италија, Русија и др.

Dnevnik 

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1