Македонија денеска одбележува 27 години од успешно спроведениот референдум во 1991 година на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава. Годинава, празникот се слави во нови услови со јунскиот Договор од Преспа за конечно надминување на повеќедеценискиот спор за името со Република Грција и во пресрет на новиот референдум за прифаќање на овој договор и членството на Македонија во НАТО и ЕУ.
Новиот референдум закажан на 30 септември, за многумина, ќе ја има истата тежина како и првиот од 1991 година.
На референдумот во 1991 година над 95 отсто од граѓаните што излегоа да гласаат позитивно одговорија на прашањето „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.
На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година. Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.
Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Десет години подоцна Уставот беше надополнет по конфликтот во 2001 и потпишувањето на Рамковниот договор.
Државноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина…
Државата се осамостои монетарно со воведување на денарот на 26 април 1992, а потоа доби и своја Армија која роденденот го слави на 18 август.
Во 2005 година Македонија доби статус на земја – кандидат за членство во ЕУ, а во 2008 и препорака од ЕК за почеток на пристапните преговори со Унијата, која беше повторена и во наредните години. Грција, по примерот со НАТО, тогаш ја блокираше македонската евроинтеграција, но со потпишувањето на договорот за решавање на спорот за името, на Самитот на ЕУ во јуни Македонија доби условена препорака за отпочнување преговори.
По повод Денот на независноста денеска собраниска делегација на гробиштата во Бутел ќе положи цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на Република Македонија, Киро Глигоров и Борис Трајковски и на споменикот „Ослободители на Скопје“.
Во Собранието на Република Македонија ќе биде врачена државната награда „8 Септември“ која се доделува во две категории – за животно дело и признание за остварувања во областа на спортот. Наградата за животно дело ќе му биде доделена на Таки Џиков, а признанија за остварувања во областа на спортот ќе им бидат врачени на Стефан Гешовски, Сашко Арсовски, Владимир Радиќ и Ристо Таков. Државната награда за животно дело претставува спортска пензија која му се исплаќа на носителот до крајот на животот, додека останатите четири државни признанија претставуваат еднократна исплата во износ на десет просечни плати во Република Македонија.
Централната прослава по повод Денот на независноста ќе се одржи вечер со забава на отворено во дворот на Владата. Најмладите со нивните семејства ќе се забавуваат со програмата што за нив ја подготвува Петко и 5+ Бенд.
Во забавно-музичкиот дел за возрасните ќе настапат Огнен Узуновски-Оги со диџеј сет, оркестарот на Македонската филхармонија заедно со Тамара и Тијана кои ќе ги изведат најубавите македонски евергрини. Ќе настапат Македонската филхармонија и маестро Џијан Емин со проектот „Оригинатор“ на продуцентот на електронска музика, Хуан Аткинс. Во завршницата на музичката програма ќе настапи и познатиот домашен диџеј Феки Фарис.
Најавено е обраќање на премиерот Зоран Заев.