Македонскиот фудбалер Александар Пандовски се бори за живот по тешката сообраќајна несреќа што се случи доцна синоќа на излезот од Скопје, пишува Скопје Инфо.
Според неофицијалните информации, до несреќата дошло откако возило марка „Голф“ во кое се наоѓале Пандовски и неговиот родител загубило контрола и со брзина од преку 100 километри на час излетало кон Бензинската пумпа „Макпетрол“, која се наоѓа пред излезот од главниот град.
Притоа, возилото удрило во столб и било целосно демолирано, а причинета е и значителна материјална штета врз бензинската пумпа. Имено, веднаш по судирот настанал и пожар, поради што биле принудени да реагираат противпожарни екипи за да се спречи уште поголема трагедија.
Првичните информации говорат дека Пандовски и неговиот родител се наоѓале во тешка состојба и веднаш биле пренесени во клиниката во Скопје, каде борбата за живот на овој 23-годишен фудбалер продолжува.
Александар Пандовски е поранешен фудбалер на Вардар, кој настапуваше и за екипата на Работнички. Негов последен ангажман е во составот на Евромилк, каде Пандовски важи за еден од најдобрите фудбалери на оваа екипа.
СкопјеИнфо.мк