Наставниците Дарко Талески и Софија Грабулоска се победници на Глобалниот едукативен натпревар на Мајкрософт кој се одржа од 11 до 14 март во Барселона, информираа вчера од канцеларијата на Мајкрософт во Македонија.
Талески, кој е наставник по ликовно, говореше за проектот “Ова е мојот глас” со кој учениците од неколку основни училишта во Прилеп преку компјутерски анимации и постери говореа за социјалните проблеми со кои се соочуваат како предвремениот брак, културното наследство и насилството во училиштата.
Како што вели Талески, самите ученици ги навеле на идејата проектот да ги обработува овие теми.
– Тоа е гласот на нашите ученици. Ние им дадовме можност со помош на технологијата со која располагаме во училиштата да го кажат тоа што тие го имаат како проблем во средината во која живеат. Јас работам во неколку мали села во општина Прилеп и станува збор за многу мал број на ученици кои се соочуваат со различни социјални проблеми, па оттаму беше поттикнат и проектот и беа избрани три теми на кои работеа учениците: предвремен брак, културното наследство и насилството во училиштата. Со технологијата со која располагавме им овозможивме да дадат решение и да ја пренесат нивната слика за тие проблеми. Изработија неколку кратки филмови, кратки анимации и постери кои беа презентирани како во училиштата така и во локалната средина меѓу родителите, наставниците и населението. Проектот опфати ученици на 13-14 години и 5 различни училишта од мали села, вели Талески кој предава во училиштата “Кирил и Методиј” и “Пере Тошев” во село Десово од Прилеп.
Генералниот директор на Мајкрософт Македонија, Стефан Плавјански истакна дека се горди со наградата која ја добија професорите.
– Нивната креативност и упорност дополнително не охрабрува и понатаму да ги поддржуваме сите идеи со чија помош технологијата ќе го помогне и подобри процесот на едукација. Ние како локална канцеларија веќе четири години сме посветени на нашата стратегија за инвестирање во Мајкрософт програми за образованието и склучување на други форми на државни и јавни партнерства за што досега вложивме над половина милион долари, истакна Плавјански.
Целта на овој проект како и на другите образовни проекти во кои учествува Мајкрософт Македонија е преку технолошките иновации да се подобри едукативниот систем со што учениците ќе можат да го остварат својот потенцијал.
На настанот учествуваа над 1100 учесници од 97 држави во светот а беа презентирани 260 проекти.