Манастирот во с. Рајчица, посветен на „Св. Георгиј Победоносец“, бил толку прекрасен и убав што го нарекувале и „Дворецот на св. Георгиј“.
Манастирската црква датира од 1835 година,
но се претпоставува дека е изградена врз темели на уште постара црква од 16 век. Црквата комплетно е зографисана од двајца познати зографи, Даниел и Михаил Зограф и нивниот ученик Дичо Зограф,
кој ја продолжува дејноста на своите мајстори.
Пред десет години конаците се комплетно обновени како нова градба во византиски стил. Слава на манастирот е Ѓурѓовден (6 мај), а како втора слава
се слави Крстовден, затоа што по Божја промисла,
не знаејќи, отец Партениј токму на тој ден го благословувал возобновувањето.
Моштите, парче од дланката на св. Георгиј, се сместени во рака купена од специјализирана продавница во Солун. Раката е изработена од сребро и во еден дел е позлатена, а во предниот дел украсена со циркони и со рубини.
Инаку, во манастирот во селото Рајчица се чуваат и моштите на св. Јован Кукузел, кој потекнувал од дебарскиот крај.
Но она по што и треба да се памети се вештите раце на деветте сестри (монахињи), чиј труд се огледа на главите на најпознатите светски владици.
Но едноставно не можете да останете рамнодушен пред достоинственоста, убавината, раскошот и отменоста на митрите, неизоставниот дел, врвниот елемент на архијерејската одежда, која се носи при најголемите богослужби.
Во нивните раце, оживува убавината на круните на духовните отци – епископите, токму она по што овој манастир ќе стане бележит во православниот свет.
За неполни десет години откако манастирот добил послушание и благослов за изработка на митрите, монахињите изработиле над 270 уникатни митри, не само за сите македонски владици и епископи туку доверба ќе добијат и од епископите од Балканот, Русија, Америка, од вселенскиот патријарх…
Тајната е, велат, пренесена од митрополит Геласиј, преку игуменот архимандрит Партениј, кој уште како млад имал желба да ја научи вештината. Но вистината е дека овие, слободно може да се каже – уметнички дела, се издигаат далеку над занаетчиската вештина.
Секој детаљ од митрата си означува нешто одредено
– од страните стојат четирите евангелисти: Матеј, Јован, Лука и Марко. Тие се стандарден дел на секоја митра. Горе на врвот е крстот, а на челото има византиски двоглав орел, кој ја симболизира црковната и световната власт под една круна, зашто во тоа време државата била така организирана: патријархот и царот заеднички ја воделе државата.
Така тој византиски симбол е пренесен на сите православни земји. Има и еден венец со дванаесет ушиња. Боите си имаат исто така свое значење.
Обично на празник на маченик се носи црвена, на Св. Богородица сина, зелената е боја на Светиот дух, па се носи за Дуовден итн. Самата митра, пак, има облик на црква, а црквата, нели, нам ни е чуварка на догмите, па кога самиот епископ ја носи, тој ја изразува својата улога како заштитник на единствената православна Вистина предадена во догмите. Се везе со срма и со златни жици, а потоа се украсува со циркони, со кристали или со бисери.
За инспирацијата, монахињите велат дека е тоа благодатта на Светиот дух – просветлението.
Моја чудесна Македонија