Не е тајна дека Македонија е богата со руда. Злато, сребро, бакар, минерали, драгоцени камења… сето тоа е тука некаде и очекува да биде откриено од нас. Еден дел веќе е откриен, но огромен дел тлее некаде под нашите планини, полиња, ливади и околу реките. Едноставно, Македонија изобилува со природни богатства, кои чекаат да бидат експлоатирани и искористени со една напомена – да не се наруши балансот на природата што егзистирала тука како комплексен систем илјадници години пред нас. Што, секако, ќе биде предизвик и за канадската компанија „Еуромакс ресурси“, која најави вложување половина милијарда долари за отворање на рудникот „Иловица“, каде што би се експлоатирале злато и бакар.
Во потрага по златниот рид
Општината Босилово се наоѓа во јужниот дел на нашата држава, веднаш до градот Струмица. Навидум рамничарски крај, особено во делот на селата Босилово, Моноспитово и Еднокуќево, кој одеднаш станува ридесто-планински, особено во делот на селата што станаа познати во јавноста последните денови – Иловица и Штука.
– Еве, ова е златниот рид во Македонија. Висок е 878 метри надморска височина. Во неговата утроба се кријат карпи што во себе носат големи количества бакар и злато – ни вели професорот Александров.
Всушност, сега се наоѓаме некаде на подножјето на ридот што пред многу години бил формиран од вулкан, кој тука бил активен, а се издигал 3-4 километри над нас. Сега сме некаде во неговиот кратер, поточно во неговото дно, всушност она што останало од него – појаснува професорот Александров.
Кога ќе се изгради рудникот, чиј почеток на работа треба да биде околу 2017 година, тој ќе биде еден од најголемите индустриски објекти во државава и најверојатно ќе се смета за еден од најголемите рудници за злато и бакар во Југоисточна Европа. Единствено приближно на неговиот габарит во наши граници ќе биде само РЕК „Битола“. Засега фирмата „Еуромакс“ има добиено концесија за експлоатација за наредните 30 години, со можност за продолжување на уште 30 според законот што е во сила.
Целата сторија на – Нова Македонија