Македонците ги празнат менувачниците


Македонските граѓани навалија на менувачниците веднаш по информацијата дека вредноста на швајцарскиот франк во однос на еврото драстично скокна. Во некои менувачници велат дека се купуваат франци за денари за да се спечали на промената на вредноста, во други пак, дека се заменуваат за евра, а во трети дека граѓаните засега само прашуваат во исчекување на понатамошното движење на валутата.

menuvacnica

“Швајцарецот” и досега беше дефицитарен во менувачниците, а сега во дел од нив воопшто го нема.

– Уште во четвртокот, веднаш по информацијата дека пораснала вредноста на швајцарскиот франк имавме голема навалица од граѓани кои ја купуваа оваа валута. Прометот со франкот ни се зголеми за 90 проценти во однос на претходно, информираат од менувачницата Кортекс во центарот на Скопје.

Оттаму велат дека граѓаните за денари купувале франци, зашто заработката е добра, на 1,500 франци се добиваат околу 200 евра.

Швајцарската народна банка по три години крена раце од фиксирањето на курсот на франкот за еврото на минимално ниво од 1,2 франци за едно евро. Само неколку часа по соопштението на Банката вредноста на “швајцарецот” скокна за 16 проценти.

Ова силно ги погоди граѓаните од регионот, односно од Грција, Босна и Херцеговина, Србија и Грција кои користат станбени кредити во швајцарски франци, бидејќи со растот на вредноста на валутата им растат и ратите. Нашите граѓани немаат вакви проблеми, зашто практично и не користат “швајцарски” кредити. Како што информираат од Народна банка на Македонија за разлика од земјите од регионот, во Република Македонија швајцарскиот франк, историски нема голема застапеност во банкарските активности. Во вкупната актива и пасива на банкарскиот систем неговата застапеност се движи околу 2 проценти во изминативе десетина години, а според состојбата од декември лани банките пласирале 167.613.000 денари кредити во швајцарски франци или во денари со девизна клаузула во оваа валута.

Што се однесува, пак, до штедните влогови во швајцарски франци, најголемиот дел од нив се на граѓани. Депозитите на нефинансиски субјекти во швајцарски франци кај банките изнесуваат 1.170.579.000 денари, што претставува 1,2 отсто од вкупните депозити со валутна компонента, или околу 0,6 проценти од вкупните депозити од нефинансиски субјекти.

За разлика од нашите жители, кои во тој дел се спокојни, граѓаните на Србија, БиХ, Хрватска и Грција се во вистинска паника. Станбени кредити во швајцарски франци во имаат 22.000 граѓани на Србија, околу 100.000 на Хрватска, околу 10.000 на БиХ и околу 60.000 во Грција. Тие сега очекуваат повисоки рати. Србите кои кон средината на 2008 година за купување стан кредитно се задолжиле со просечни 70.000 швајцарски франци, пред наглиот раст на курсот плаќале месечна рата од 40.800 динари, а сега 8.000 динари повеќе, односно 48.800 динари. Хрватското здружение на корисници на кредити во швајцарски франци “Франак” вчера веднаш реагираше и побара итен состанок со министерот за финансии и со стариот и новиот претседател на државата. Колку ќе се зголемат ратите на хрватските кредитокорисници ќе се знае денеска, кога Народна банка на Хрватска ќе ја објави новата курсна листа.

Актуелниот растот на франкот е уште еден удар по џебот на жителите од регионот по 2008 година, кога оваа валута порасна.

Најголемиот шок, сепак го претрпеа Швајцарците. Прогнозите за раст на економијата на Швајцарија се драстично намалени, зашто се оценува дека поскапите производи и услуги ќе го намалат извозот и ќе ги избркаат туристите. Тешки времиња преживуваат и банките, чии пари од странство се обезвреднуваат. Во Швајцарија, сепак некој се радува. Тоа се околу 280.000 жителите на другите земји на ЕУ кои работат во Швајцарија. Медиумите јавуваат дека тие побрзале во менувачниците за да го сменат франкот за евро, со што приходите им се зголемиле за 30 проценти само за еден ден.

Во четвртокот, само неколку минути по соопштението на централната банка на Швајцарија дека ја укинува вештачката граница која спречуваше еврото да падне под 1,20 франци, швајцарската валута зајакна на 0,8517 за евро, што е рекордно ниво и прв пат “швајцарецот# да зајакне во однос на еврото од воведувањето на единствената европска валута во 1999 година.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1