Единаесет годишниот Матија Шушнјевиќ од Белград завчера почина во сообраќајна несреќа на патот Неготино – Демир Капија откако, автомобилот со кој со семејството патувале излета од патот и се преврте, најверојатно поради тоа што неговиот татко, поради замор, заспал на воланот, пренесува српски Курир.

Очевидци на несреќата велат дека родителите на Матија, Сашо и Гордана се извлекле од автомобилот. Но од силината на ударот, задниот дел на кровот се деформирал и го притиснал момчето и му нанело повреди.
Според очевидците, мајката се приближила кон синот и го фатила за рака…Тој само ја погледнал, и издишал за последен пат. Глетката беше многу трагична, велат очевидците.

Пријателите и роднините на семејството велат дека Матија бил дете за пример, најдобар кошаркар во својата генерација во КК Рас, а дека семејството моментално се наоѓа во неверојатно тешка состојба, откако среќни тргнаа на одмор, а по само два дена се вратија завиени во црно.