Маж на возраст од 62 години е задржан во болница во Солун под сомнение дека е заразен со коронавирус. Ова е прв ваков случај во овој град и надлежните презедоа итна акција.
Според грчките медиуми, човекот неодамна патувал во Кина, а според првичните информации, тој ги има симптомите на опасниот вирус, кој веќе однесе 170 животи.
Од болницата соопштиле дека пациентот, кој е грчки државјанин, неодамна се вратил од кинескиот град Вухан, кој важи за епицентар на оваа епидемија, пренесува српски „Телеграф“.
Во Кина, пак, денеска беше објавено дека повеќе пациенти заразени со новиот коронавирус закрепнале и ги напуштиле болниците.
Четворица пациенти заразени со вирусот во источната кинеска провинција Џангси закрепнале и денеска биле пуштени од болница, а претходно беше соопштено и за три други вакви случаи.
Џанг Веj, експерт од покраинскиот одбор за итни случаи и превенција и контрола на епидемијата, рече дека врз основа на анализите на излекуваните пациенти раното откривање и навременото лекување се клучни за закрепнување.