Научниците велат дека се потполно сигурни дека во Калифорнија ќе се случи многу силен земјотрес во наредните 30 години, и дека тој ризик е многу поверојатен отколку што до сега се мислело.
Можноста за да го погоди тој дел на САД земјотрес со магнитуда од 8.0 степени во следните три децении пораснала од 4.7 на 7.0 отсто, пред сè поради фактот дека научниците ги земале предвид можностите да се активираат повеќе пукнатини одеднаш, ослободувајќи сеизмичка енергија која би предизвикала уште поголемо разорување.
Додека ризикот од мегаземјотрес е поголем отколку што порано било проценето, уште поверојатно е и тоа со повеќе од 99 отсто шанса дека во Калифорнија ќе “раздрма” земјотрес со магнитуда од 6.7 степени, сличен на потресот во 1994-тата година во долината Сан Фернандо кај Лос Анџелес.
Тогаш загинаа 57 лица, а материјалната штета надмина 20 милијарди долари, што е објаснето со големото хоризонтално поместување на тлото кое достигнало 183 метра во секунда, што е најголемо забрзување на тлото измерено во светот.
Веројатноста за таков земјотрес е нешто поголема во северна, отколку во јужна Калифорнија, пишува во извештајот објавен токму вчера во магазинот US Geological Survey.
– Калифорнија е подрачје подложно на земјотреси и жителите треба да го очекуваат ова нешто буквално секој ден, изјавил авторот на овој извештај, геофизичарот Нед Филд.
Постои и 93 отсто шансa за земјотрес со магнитуда од 7.0 степени или посилен токму во истот период во Калифорнија и 48 отсто шанса за магнитуда од 7.5 степени. Илјадници потреси годишно се случуваат токму во Калифорнија која е поставена помеѓу две големи тектонски плочи – Тихи океан и Северна Америка.
Поголемиот дел од тие потреси се и премногу слаби за луѓето да ги почувствуваат.
Меѓу повеќе од 300 пукнатини ширум Калифорнија, токму пукнатината Сан Андреас на нејзиниот југ е најопасна бидејќи не покажува активност повеќе од три века, па токму тука има и најмногу натрупана енергија.