Новата градоначалничка на мексиканскиот град Темиско, кој се вбројува во градовите со највисока стапка на криминалитетот, е убиена во саботата веднаш откако ја презема должноста, објави гувернерот на сојузната држава Морелос.
Гизела Ракел Мота Окампо ја преземала градоначалничката должност на првиот ден од новата година, во петокот а во саботата утрото во 7 часот по локално време (12 по македонско) била изрешетана во нејзиниот дом од четворица вооружени мажи, пишува дневниот весник La Jornada.
Провалувајќи во куќата, напаѓачите отвориле оган врз Мота и уште две лица кои живееле во истата куќа кои починале на самото место. Убијците наводно биле фатени од толпа луѓе, а уште двајца биле убиени при обидот да ѝ побегнат на полицијата. Засега сé уште не е познат мотивот за ова злосторство.
Гувернерот на Морелос, Грасо Рамирез, ги потврдил нападот порачувајќи дека одговорните за убиството нема да останат неказнети, пренесува весникот El Universal.
Убиството на градоначалничката, како што потсетуваат локалните медиуми, е извршено следниот ден откако беше објавен почетокот на специјалната операција со кодно име „Делта“ за зајакнување на јавната безбедност во државата Морелос. Во акцијата се ангажирани 600 припадници на регионалните и федералните полициски сили.
Мота беше поранешна пратеничка во Конгресот на левичарската партија Демократска револуција. Засега нема информации за мотивите за нејзиното убиство кое се случува додека трае вистинска битка за функционирањето на локалните полиции, рекле неименувани функционери за AFP.
Темиско, околу 100 километри јужно од главниот град Мексико, има околу 100.000 жители и е еден од мексиканските градови со највисока стапкана криминал кој потекнува од вооружените групи кои се занимаваат со трговија со наркотици. Една од тие групи е моќниот картел Герерос Унидос (Обединети воини), а токму дој е осомничен за исчезнувањето на 43 студенти во соседна сојузна држава Гереро во септември 2014 година.